Македонија

Македонија денеска го слави Илинден

Македонија денеска го слави Илинден
Македонија денеска го слави Илинден

Двата историски празници Илинден денеска ќе бидат одбележани во земјава – 112 години од почетокот на Илинденското востание и 71 година од Првото заседание на АСНОМ.

На свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце ќе се обрати претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски ќе биде на одбележувањето на празникот Илинден во Скопје – пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ, а претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе се обрати на централното чествување на Мечкин Камен во Крушево.

 

Голем народен собир на Мечкин Камен

Претседателиот Ѓорѓе Иванов денеска ќе присуствува и ќе има свое обраќање на централното чествување на Мечкин Камен во Крушево.

На гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република ќе биде положено свежо цвеќе, а исто така ќе се одржи и голем народен собир.

Коњаниците пристигнаа во Крушево

Коњаниците од Илинденски марш, традиционално пристигнаа во Крушево, а градот од денеска ќе биде домаќин на Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“.

Семакедонска илинденска средба пак, ќе се одржи во битолското село Трново, во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Камбаните на полноќ го означиле почетокот на Илинденското востание

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република, пренесува МИА.

Прво заседание на АСНОМ 41 година по востанието

Во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово, 41 година по Илинденското востание, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија, стои во текстот на МИА.