Македонија денеска избира претседател и пратеници во Собранието

Во земјава денеска се одржува вториот круг од петтите претседателски избори и  осмите парламентарни. Право на глас на претседателските избори имаат 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1.780. 128 избирачи. Гласачките места ќе бидат отворени во 7:00, а затворени во 19:00 часот.

На претседателските избори граѓаните ќе можат да избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и досегашен претседател Ѓорге Иванов и на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаа и македонските државјани во странство.

За предвремените парламентарни избори, кои се трети по ред и трети во низа во Македонија, а осми парламентарни, се поднесени 14 листи со кандидати за 123 места во Парламентот. Листи поднесоа пет коалиции и девет политички партии.

Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората.

Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и болните и немоќните лица.

Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.