Македонија доби 25 милиони евра од СБ за Проектот за подобрување на општински услуги 2

Светска банка на Македонија и ги стави на располагање средствата од Проектот за подобрување на општински услуги 2. Ова значи дека Македонија од денеска има пристап до овие средства од Светска банка во висина од 25 милиони евра, кои се наменети за поддршка на капитални проекти во општините во Македонија, информираат од Министерството за финансии.

Оттаму информираат дека иако Бордот на Светска банка, користењето на овие средства првично ги услови со одржување на парламентарните избори, односно да ги стават на користење по завршување на изборите, сега ја сменија одлуката и средствата стануваат ефективни од денес.

Министерството за финансии во најбрзо можно време ќе објави јавен повик до општините за аплицирање за овие средства. Преку првиот Проект за подобрување на општински услуги МСИП 1 успешно се финансирани 70 проекти во 54 општини, во рамки на кои беа изградени училишта, градинки, локални улици, водоводи, канализации и други капитални проекти за подобрување на животот во македонските општини, се вели во соопштението.