Македонија доби графички регистар на градежно земјиште

Регистарот е изработен по тригодишна работа на експертски тим составен од претставници од надлежните институции и за него се инвестирани 250 илјади евра обезбедени од Буџетот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Од денеска, Регистарот е достапен за професионалните корисници како што се планерските куќи, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за планирање на просторот, општините и геодетите, а од јуни годинава ќе биде достапен за користење и за граѓаните и за бизнис заедницата.

– Досега во Регистарот се внесени 477 урбанистички планови и урбанистичко планска документација доставени од општините. Упатувам апел општините кои сеуште не доставиле урбанистички планови во сила, тоа да го направат во најкраток можен рок, истакна денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Бенефит од оваа нова алатка на Катастарот ќе имаат сите инволвирани страни почнувајќи од планерите до општините и граѓаните. Со него се овозможува брз и едноставен пристап во секое време до урбанистичката планска документација, следење на реализацијата на урбанистичките планови, како и можност граѓаните во секое време да видат што е планирано да се гради на нивната парцела…

Претставници од Комората на овластени архитекти и инженери изразија задоволство од новата алатка која им е ставена на располагање оценувајќи дека Регистарот претставува нов импулс за геодетските компании и унапредување на постапката за проектирање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.