Македонија доби модерен Центар за обука на пилоти

Македонските пилоти ќе се обучуваат во модерен и исклучително технолошки напред центар кој е производ на соработката на Владата и Министерството за одбрана,а го градеа заедно со израелската компанија „Елбит“. Овој центар е во рамки на касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

На свеченото отворање денеска присуствуваа премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорѓе Иванов, министри од Владата на Република Македонија, како и идните пилоти на АРМ.

„Соработката на Македонија со „Елбит системи“ од Израел започна уште пред 10 години за денеска заеднички да го реализираме овој проект кој не само што е од големо значење за Македонија, туку и за регионот. Според анализите кои ги направивме имавме две можности. Едната беше да плаќаме скапи обуки во странство, а другата да изградиме свој центар во кој ние ќе обучуваме кадри. Ние се одлучивме за втората можнос“т, изјави Груевски.

Тој појасни  дека со јавното партнерство со „Елбит системи“, ние сме должни да вложиме 43 милиони евра, додека „Елбит“ треба да изведе обука на 52 пилоти, да купи четири  хеликоптери и да изгради најсовремен центар за обука на пилоти.

Овој центар ќе биде промовиран надвор од Македонија, а е промовиран и во НАТО.

„Со овој проект се потврдува посветеноста на државниот врв за постојано вложување во модернизацијата и едукацијата на приврзаниците на Армијата на Република Македонија и на другите безбедносни структури. Очекувам ваквата соработка да продолжи, долгорочниот план за развој на одбраната кој минатата година беше усвоен од страна на Владата на Република Македонија да започне со имплементација оваа година“, истакна претседателот Иванов.

Новиот центар за обука на пилоти ги  исполнува највисоките стандарди и единствен од ваков калибар со модерна опрема во југоисточна Европа..