Македонија доби условена препорака со Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети

препорака

Препораката, како што потврди и комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан пред Европскиот парламент претпладнето, втора година по ред е условена, а овојпат со целосно исполнување на политичкиот договор од Пржино, преку спроведување на кредибилни избори на 11 декември, како и имплементација на Итните реформски приоритети од ЕК.

Самиот извештај на Еврокомисијата за Македонија, пак, кој е на 88 страници, содржи „политички, економски и правни критериуми“, во кој се наведуваат клучните точки во однос на целокупната оценка на состојбата во македонското општество.

Во однос на политичките критериуми, во извештајот се наведува дека Македонија се соочила со продолжување на најтешката политичка криза од 2001 година и дека „демократијата и владеењето на правото постојано се соочуваат со предизвик, особено поради државна контрола, што влијае на функционирањето на демократските институции и клучните области на општеството“.
– Земјата страда од поделена политичка култура и недостаток на капацитет за компромис. На 20 јули и 31 август 2016 година, лидерите на четирите најголеми политички партии постигнаа согласност за спроведување на договорот од Пржино, вклучително и со поставување на 11 декември 2016 година за датум за одржување на предвремени парламентарни избори. Исто така, тие ја истакнаа својата поддршка за работата на Специјалниот обвинител. Тие, исто така, ја потврдија и својата заложба за спроведување на „Итните реформски приоритети“, се вели во извештајот.
Понатаму, нотирано е дека меѓуетничката ситуација останува кревка во Македонија. Прегледот на Охридскиот рамковен договор, кој стави крај на конфликтот во 2001 година и обезбедува рамка за меѓуетнички односи, се уште треба да се заврши на транспарентен и инклузивен начин, препорачува ЕК.
Исто така, посочено е дека граѓанското општество игра важна улога во поддршката на демократските процеси и обезбедување на систе на проверка и баланс. Во исто време, извештајот нотира дека „граѓанските организации продолжуваат да ја изразуваат својата загриженост за влошувањето на климата во која тие работат и владините заложби за ограничен дијалог, како и за јавните напади од страна на политичарите и провладините медиуми“.
– Земјата е умерено подготвена со реформата на јавната администрација. Постигнат е одреден напредок, иако ограничен, во текот на изминатата година. Започнато е со имплементација на новата правна рамка за управување со човечките ресурси. Сепак, постои недоволен напредок во спроведувањето на претходните препораки на Комисијата. Наместо да бидат суспендирани, привремените договори продолжија да се трансформираат во договори на неопределено време без јавен конкурс. Неефикасните линии на одговорност, употребата на јавниот сектор како политички инструмент за наводни притисоци врз вработените во јавниот сектор и наводната политизација на администрацијата во изборна година продолжи да биде предмет на интерес, нотирано е во извештајот.
Сеопфатната стратегија за реформи 2017 – 2022 на јавната администрација, исто така, се вели дека доцни во подготовката. Недостатокот на политичка посветеност за реализација на неопходните реформи во управувањето со јавните финансии, според Еврокомисијата доведе до значително намалување на финансиската помош од ЕУ во 2016 година.
Затоа, пак, посочено е дека судскиот систем во земјата има одредено ниво на подготовка. Сепак, ситуацијата според ЕК  назадува од 2014 година и достигнувањата на реформскиот процес во претходната деценија бил поткопан од повторливото политичко мешање во работата на судството.
– Властите не успеаја да покажат потребна политичка волја да се соочат со основните прашања што се идентификувани во „Итните реформски приоритети“. Сите препреки со кои се соочува новоформираното Специјално обвинителство ја истакнаа потребата од поефектно соочување со недостигот на независност на судството и да се спречи селективна правда, се вели во извештајот.
Во однос на борбата против корупцијата, според ЕК, Македонија има одредено ниво на подготовка. Сепак, се нотира дека корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да биде сериозен проблем. Законодавната и институционалната рамка е развиена, но структурните недостатоци на Државната комисија за спречување на корупцијата и мешањето на политиката во нејзината работа го минимизира влијанието на минатите напори. Се уште, како што се наведува во извештајот, постои потреба да се воспостават убедливи резултати, особено во однос на случаите за корупција на високо ниво.
Во борбата против организираниот криминал, земјата достигна одредено ниво на подготовка, вели ЕК, но посочува дека „правната рамка е во голема мера во согласност со елаборираните европски стандарди и стратегии и дека треба да се испита капацитетот за спроведување на законот, а финансискиот криминал и конфискацијата на имот треба да се развива понатаму“.
Во однос на заштитата на човековите права, законодавната и институционалната рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди. Потребни се дополнителни напори во пракса за да се обезбеди почитување на човековите права на ранливите групи, вклучувајќи ги и бегалците и мигрантите. Исто така, постои континуиран недостаток на политичка волја и соодветни ресурси за да се овозможи на релевантните супервизорски и регулаторни тела за да го исполнат својот мандат независно и ефикасно.
Најмаргинализираните категории од населението сè уште не се ставени во целосна заштита. Во областа на слободата на изразување, земјата има одредено ниво на подготовка, но слободата на изразување и состојбата на медиумите останува сериозен предизвик во сегашната политичка клима, се вели во извештајот на Еворпската комисија.
Во однос на регионалната соработка, земјата генерално продолжува да одржува добри односи со другите земји од проширувањето и активно учествува во регионалните иницијативи, се нотира од ЕК. Се додава дека „се преземени чекори за подобрување на добрососедските односи, вклучително и преку неодамнешниот напредок во спроведувањето на мерките за градење доверба со Грција“, но дека прашањето за името треба да се реши како прашање на итност“.
Земјата продолжи да биде под влијание на миграциската криза. Тоа создаде дополнителен товар на азилантскиот и миграцискиот систем. Земјата продолжи да соработува со соседните земји и земјите-членки на ЕУ и прави напори да обезбеди засолниште и хуманитарна помош, со поддршка на ЕУ, како и со поддршка од другите. Земјата треба да ги одржи своите напори да обезбеди ефикасен скрининг на бегалците и мигрантите и да ги решава потребите од релевантна заштита. Земјата исто така треба да ги одржи своите напори за намалување на бројот на неосновани барања за азил поднесени од страна на своите државјани во земјите-членки на ЕУ, наведува ЕК.
Во однос на економските критериуми, Еврокомисијата во извештајот за Македонија наведува дека „БЈР Македонија има добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија“. Севкупно, се наведува дека е постигнат напредок кон функционална пазарна економија во текот на извештајниот период. Се посочува дека е задржана макроекономската стабилност и дека макроекономската средина е зајакната во 2015 година.
– Ова беше поддржано од страна на големите трошоци за јавната инфраструктура и од странските директни инвестиции, иако беа забележани знаци на слабости во првиот квартал на 2016 година. Невработеноста останата висока, особено кај младите, иако генерално таа се намали во текот на извештајниот период. Одредени пропусти остануваат, како што се ниската конкурентност на домашниот приватен сектор, кој е попречен од слабата примена на договорот, големата неформална економија и отежнатиот пристап до финансиите. Управувањето со јавните финансии не се подобри и јавниот долг и понатаму расте, се вели во извештајот.
Исто така, се наведува дека македонската економија има умерено ниво на подготовка за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Европската унија. Одреден напредок е направен да се поттикне иновацијата и странските инвестиции и дека дигитализација напредува брзо. Сепак, се наведува дека „економијата е лошо диверзифицирана“ и дека преработувачката индустрија произведува производи главно со ниска додадена вредност. Во извештајот се вели и дека „економијата продолжи да има слабости во образовно-наставните програми, ниски стапки на иновации и значајни потреби од инвестиции, вклучително и во јавната инфраструктура“.
Во врска со усогласеноста на македонското со еврoпското законодавство, се вели дека во однос на преземање на обврските од членството, земјата е „умерено подготвена во повеќето области, вклучително и во областите на конкурентноста, транспортот и енергијата“.
– Потребни се дополнителни напори, особено во оние неколку области каде што земјата е во рана фаза на подготовка, како што се слободата на движење на работниците. Исто така, потребен е поголем фокус на административниот капацитет и ефективна имплементација, се вели во заклучокот.
Работата на канцеларијата на Специјалното обвинителство, основанo во 2015 година да ги истражува случаите поврзани со скандалот со прислушувањето, според извештајот на Еворпската комисија, продолжува да биде попречуванa во пракса. Кривичниот суд редовно според ЕК одбива да даде предистражни мерки побарани од СЈО, како дел од нивните истражувања, а Советот на јавни обвинители и владејачката партија јавно ја критикувале неговата работа.
– Меѓународната заедница продолжи да инсистира дека на СЈО мора да му биде дозволено да ги исполни сите свои функции независно. Автоматизиран информациски систем за управување со судските случај бара понатамошни надградби за да се спречи каква било злоупотреба. Системот треба да обезбеди случаите да не може да бидат доделени на одреден судија од политички или лични причини, и тоа треба да се следи на систематска основа. Исто така, имаше обвинувања за директно мешање во назначувањето на судиите во справувањето со специфични постапки иницирани од страна на специјалниот обвинител, укажува ЕК.
Следниот извештај на Европската комисија за земјите од процесот на проширување ќе биде објавен напролет во 2018 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.