Македонија добила пет милиони евра за поддршка на слободата на изразувањето, медиумите и новинарството од ЕУ

Ова може да се види во годишниот извештај на ЕУ за чоовекови права и демократија во светот за 2015 година, кој е дополнение на тематскиот дел од извештајот што беше објавен на 20 јуни оваа година, а кој денеска го усвои Советот на Унијата.

Според соопштението на Советот, во 2015 година, ЕУ продолжила со одбрана и промоција на човековите права, инклузивноста и демократските општества. Годишниот извештај за 2015 година ги поставува, според Советот на Унијата, напорите на ЕУ, преку високиот претставник Федерика Могерини, специјалниот претставник на Европската унија за човекови права, Ставрос Ламбринидис и глобалната мрежа на делегациите на ЕУ, за промовирање на универзалноста на човековите права ширум светот. Во делот „држави и регионални прашања“, извештајот дава краток преглед на ситуацијата со човековите права и ја опфаќа поддршката на политиката на ЕУ врз основа од земја до земја, при што е опфатена и Република Македонија.
Во 2015 година, според извештајот, Европската унија обезбедила значителна поддршка за граѓанските организации што работат на заштита на различните основни права во Република Македонија.

Во рамки на националната обвивка на ИПА 2014 за граѓанското општество се издвоени пет милиони евра за поддршка на 19 проекти кои главно се фокусираа на промоција на слободата на изразувањето и медиумите, истражувачкото новинарство, реформите во судството, партиципативна демократија, меѓуетничките односи и правата на Ромите.

Исто така, наведено е дека шемата за ИПА 2011 грантот за граѓанско општество, во износ од 1,35 милиони евра, пак, била за поддршка на 12 понатамошни проекти што се фокусирале првенствено на зајакнување на вклученоста на граѓанското општество во креирањето на јавната политика, анти-дискриминацијата, како и заштита на правата на лицата со посебни потреби, младите и други ранливи групи.

И на крај, 10 проекти за добивање грантови финансирани според шемата за ЕИДХР 2014-2015 во износ од 1,2 милиони евра, се спроведени со цел да ги промовирање на ефикасен пристап до правдата, образованието за човекови права во училиштата, право на безбедна работна средина, транспарентна и инклузивна политика и социјално вклучување на ромската заедница.

Покрај овие грант-проекти за организациите на граѓанското општество, ЕУ продолжила и со спроведување на голем број на проекти за човекови права во врска со ИПА-проектот со различни јавни институции. Меѓу нив се и проекти за поддршка на канцеларијата на Народниот правобранител за поефикасна заштита на основните човекови права, за јакнење на независноста на судството, ефикасност и професионалност, за реформа на системот на кривичната правда, поефикасна борба против корупцијата и за заштита на правата на осудените и притворените лица.