недела, 26 март 2017  |  Вести денес: 18

Македонија добива нова патна мрежа: Се градат експресни и регионални патишта

Во моментов во Македонија се градат нови автопатишта, но паралелно се изведуваат и експресни, регионални и локални патни правци кои значително ќе го олеснат транспортот и ќе ја зголемат безбедноста. По завршувањето на овие патни правци Македонија ќе добие нова патна мрежа.

patista

Последни вести

Во моментов во Македонија се градат нови автопатишта, но паралелно се изведуваат и експресни, регионални и локални патни правци кои значително ќе го олеснат транспортот и ќе ја зголемат безбедноста. По завршувањето на овие патни правци Македонија ќе добие нова патна мрежа.

Изградбата на квалитетна инфраструктура ќе придонесе да се подигне квалитетот на животот.

Се реконструираат 200 километри регионални патишта во Македонија!

Како што пишува „Лидер“ во моментов се реконструираат 200 километри регионални патишта! Се работи за делници во различни региони на Македонија, се гради на потегот Битола –Ресен – Буково, Кочани – Делчево, Мокрино – Смолари, Николиќ – Дојран, се рехабилитира патот кон Маврово,  се работи на патот Бошков мост – Дебар и Мелнички мост – Центар Жупа, Ново Село – Новак, Ропотово – Црнилиште, Кривогаштани – Горјани. Вкупната инвестиција за обнова на регионалните патни правци се проценува меѓу 80 и 90 милиони евра.

Во овој период се работи на повеќе од 10 регионални патни правци, како и на изградба на новите автопатишта, вели директорот на ЈП за државни патишта,  Александар Стојанов.

Патниот правец Битола–Ресен-Буково е најважниот во тој регион, бидејќи се работи за делница од 27 километри. Инвестицијата е 5,9 милиони евра, а се очекува патот да биде завршен годинава.

Во полн ек е и реконструкција на регионалниот пат од Кривогаштани до Воѓани, во должина од 9,5 километри, а веќе се завршени над 40% од работите. За овој регион, овој пат има огромно значење.

Ова е еден од клучните регионални патни правци во овој регион. Се надевам дека со неговата изградба, која би требало да заврши за многу скоро време, дополнително ќе го развиеме овој регион, вели градоначалникот на Кривогаштани, Тони Заткоски.

Шест милиони евра е инвестицијата за обнова на регионалниот пат на потегот Кочани – Македонска Каменица – Делчево во должина од 31 километар. И ова се смета за многу важна делница за овој дел од државава.

Патот треба да биде обновен за 18 месеци. Најпрвин се работи на санирање на свлечиштето, кое што во изминатиот период често го попречуваше сообраќајот на патот пред Македонска Каменица, по што ќе се врши и проширување на трите моста, како и гребење на постојниот и поставување нов асфалт и соодветна патна сигнализација, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Реконструкцијата на регионалниот пат Лажани – Ропотово – Црнилиште, во должина од 17 километри, вредна 1,8 милиони евра, треба целосно да биде завршена до септември годинава.

Веќе почна реконструкцијата на регионалниот Кочани – Делчево во должина од 30 километри. Вкупната инвестицијата е 6 милиони евра, а комплетната изградба треба целосно да заврши до 2018 година.

Интензивно се вложува и во Западна Македонија. Се асфалтира делницата Тетово – Брвеница – Гостивар, во должина од 16,7 километри. Инвестицијата за реконструкција на овој правец чини 1,8 милиони евра и треба целосно да биде завршена до крајот на летово.

Претходно го завршивме Тетово – Пирок – Гостивар и уште пет локални патишта, вкупна инвестиција од 27 милиони денари, вели првиот човек на ЈП за државни патишта, Стојанов.

Изградба на нови експресни патишта

Во Македонија интензивно се вложува во патната инфраструктура и тоа е видливо на секој чекор. Активни се тендерите за новите експрени патишта и тоа: Прилеп – Градско, Штип – Кочани, Радовиш –Штип, Ранковце – Крива Паланка, Крива Паланка – Бугарија.

Проектот за изградба на експресен пат Прилеп- Градско претставува инвестиција вредна 30 милиони евра. Предвиден е целосно нов пат со четири ленти. Првата фаза, од Фаришка до Дреновска клисура во должина од 10 километри ја работи шпанската компанија Констракшн Рубау. Патот ќе биде во широчина од 12,4 метри, со по две ленти од по двете страни со широчина од 3,5 метри и од 2,5 метри. Втората фаза го опфаќа потегот од Градско преку Росоман до клучката Кавадарци во должина од 16 километри, а третата фаза е од месноста Тројанци до влезот на Прилеп.

Експресниот пат кон Прилеп ќе го подобри сообраќајот и безбедноста при патувањето во овој дел на државата, каде неретко се случуваат сообраќајни незгоди, вели градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов.

На почетокот на октомври почнува изградбата на експресните патишта Штип –Кочани и Радовиш – Штип, клучни за источниот дел од земјава. Експресниот Штип – Кочани се финансира од ЕБОР и чини 53 милиони евра, а ќе се гради целосно нов пат на 28 километарската делница. Радовиш – Штип, пак, е вреден 64 милиони евра, а должината е 40 километри.

Градежните работи на кракот рок ќе значат поддршка за македонските фирми кои ќе бидат вклучени во изградбата, но уште поважно е што ќе се зајакне конкурентноста на локалните економии во овие региони, како и на целото стопанство.

Капиталните проекти во изградба на новите три автопатишта, на брзи и регионални патишта се основа за развој на секоја економија, вели првиот човек на градежната комора при ССК, Роберт Хот.

Комплетно нов експресен пат ќе се гради и на потегот Ранковце-Крива Паланка, како и од Крива Паланка до Бугарија, а проектирањето е веќе во тек. Целосно ќе се реконструира и патот од Гостивар до Кичево, како преодно решение до изградбата на нов автопат. Се планира да се оди на јавно – приватно партнерство, а меѓународниот повик треба да се објави до октомври.

Оваа година треба целосно да заврши и изградбата на експресниот пат Велес – Кадрифаково во должина од 25,9 километри. Во моментов се работи на третата фаза, а инвестицијата е вредна 14,6 милиони евра.

Паралелно, се градат и новите автопати: Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид.

Владата е фокусирана на реализација на капитални инфраструктурни проекти кои имаат за цел да создадеме квалитетна транспортна мрежа и поквалитетен живот за граѓаните на Македонија, вели Мисајловски.

Најчитани вести