Македонија домаќин на Есенската сесија на ПС и ОБСЕ

– Есенските сесии на ПС на ОБСЕ се организираат со цел зацврстување на интерпарламентарниот дијалог за значајни и актуелни теми, поврзани со обврските и вредностите на ОБСЕ, рече на денешната прес-конференција потпретседателката на македонското Собрание Рената Тренеска Дескоска.

На есенската сесија што ќе се одржи во Македонија, информира таа, се очекува да учествуваат делегации од 51 земја. Досега, пријавени се 370 учесници, од кои 220 се пратеници, со што, според Тренеска Дескоска, ова е најголем партаментарен настан организиран во Република Македонија.

На отворањето на есенската сесија на ПС на ОБСЕ, на 30 септември, меѓу другите ќе се обрати и Кристин Мутонен, претседател на ПС на ОБСЕ. На сесијата, се очекува да учествува и Ламберто Зениер, генерален секретар на ОБСЕ, кој ќе се обрати на седницата на Постојаниот комитет што ќе се одржи на 1 октомври.

На Парламентарната конференција „Зајакнување на мерките за зградење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“, ќе се работи во три сесии на теми за „Доброто владеење како основа за поттикнување на економскиот развој во регионот на ОБСЕ“, „Развој на демократските вредности и институции и човековите права во ЈИЕ: улогата на ОБСЕ“, и „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција“, врз основа на човековите права“.

Работниот дел на на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ ќе почне на 30 септември со седница на Медитеранскиот форум на тема „Промовирање на безбедноста и соработката во Медитеранот“.

– Со оглед на тоа што една од главните цели на ПС на ОБСЕ е поддршка на јакнењето и консолидацијата на демократските институции во земјите учеснички, а имајќи предвид актуелните политички и правни проблеми со кои е соочена Република Македонија, за нас како пратеници уште поголем е предизвикот да бидеме домаќини на оваа сесија, рече Тренеска Дескоска.

Во ПС на ОБСЕ членуваат 323 членови на парламентите од 57 држави учеснички во ОБСЕ.