Македонија домаќин на фаворизираната Португалија

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21-година, денеска во 18 часот на националната арена „Филип Втори” ќе го одигра квалификацискиот дуел против лидерот во нашата група, селекцијата на Португалија.

Иако, гостинот важи за апсолутен фаворит, предводникот на нашиот национален тим, Бобан Бабунски е оптимистички расположен пред стартот на натпреварот и е убеден дека неговите фудбалери ќе одиграат квалитетно во сите 90 минути.

„Португалија е квалитетна репрезентација, но ќе се обидеме да ја изненадиме, впрочем секогаш играме добро на домашен терен и очекувам така да биде и овојпат. На гостувањето во Португалија се држевме добро во првиот час од натпреварот, а потоа се разнишаа линиите во нашата игра, па противникот стигна до триумф. Очекувам овојпат да бидеме многу покомпактни во сите 90 минути и да се обидеме да оствариме позитивен резултат”, изјави селекторот Бабунски.

Во квалификациската група 8, Македонија по пет одиграни натпревари е на 4. место со една победа и реми против Азербејџан (1:0 и 0:0) и три порази (Норвешка 2:1 и 1:3 и Португалија 2:0).

Приходот од денешниот натпревар, како што беше најавено, ќе биде дониран во хуманитарни цели, за помош на погодените подрачја од поплавите во Србија, БиХ и Хрватска.