Македонија

Македонија домаќин на јубилејот на Форумот на словенски култури

Македонија домаќин на јубилејот на Форумот на словенски култури

Република Македонија утре ќе биде домаќин на одбележувањето на 10-годишниот јубилеј од постоењето на меѓународната фондација Форум на словенски култури.

Како што информираат од Министерството за култура, по тој повод, во Македонскиот народен театар ќе бидат реализирани повеќе значајни активности, а за првпат ќе биде доделена и нововостановената награда „ЖИВА“ на Форумот за најдобра музејска институција.

Одбележувањето на овој значаен настан ќе започне во 9.30 часот со одржување на традиционалниот трет музејски семинар насловен „Театарската музеологија во 21 век“, на кој присутните гости ќе ги поздрави министерката за култура и претседател на Управниот одбор на Форумот,  Елизабета Канческа-Милевска. На семинарот посветен на музејската дејност ќе бидат разменети мислења и ставови на театролозите, музеолозите и културолозите од земјите-членки на Форумот; претставниците на националните музеи во Република Македонија и членови на Македонскиот национален комитет на ИКОМ.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот, во 19 часот ќе биде отворена изложбата „100 години театар во Скопје“ на Музејот на театарски уметности на Србија од Белград, по што ќе следува и концерт на музички ансамбли од регионот кои ќе го презентираат нематеријалното културно наследство на земјите-членки на Форумот.

Република Македонија, како една од земјите-основачи на меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, во овие десет години даде особен придонес во решавањето на заедничките предизвици со кои се соочуваше оваа еминентна организација чија цел е зачувување на културните традиции на словенските народи и нивното промовирање како трајни и универзални вредности во глобални рамки.

Инаку, одбележувањето на јубилејот почна во април годинава кога Архивот на Македонија беше домаќин на заедничката патувачка изложба „Главните градови на словенските земји преку архивски материјал“, која минатата година со голем успех беше претставена во седиштето на УНЕСКО. Јубилејното чествување продолжи со заедничката изложба на земјите-членки „Словенските карневали“, која беше претставена во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамките на традиционалното одбележување на Денот на словенската култура.

Во текот на 2014 година, во рамките на долгорочниот проект „100 словенски романи“, кој почна да се реализира со самото основање на Форумот, издавачката куќа „Слово“, со поддршка од Министерството за култура, го преведе и го отпечати романот „Волчја ноќ“ од словенечкиот реномиран писател Владо Жабот.