Македонија доживеа уште еден пораз од Франција

Селекција на Франција попладнево во Тулуз ја совлада Македонија со високи 35:24 (17:10) во рамките на 4. коло од квалификациите за Европското првенство Полска 2016 година.

Со овој триумф Франција избори пласман на ЕП бидејќи со 8 бодови е првопласирана во групата 6. На втората позиција е Чешка со 5 бодови, а Македонија по двата пораза од Франција остана на 3 бодови, додека Швајцарија е последна без бод. Нашата репрезентација ги задржа шансите за пласман на ЕП.

До средината на првиот нашата селекција имаше активен резултат и Франција водеше со 8:7, но потоа следуваше серија на „триколорите“ од 8:1 и водството изнесуваше 16:8.

На почетокот на вториот дел Македонија ги одигра најдобрите минути на овој натпревар и со серија од 8:4 намали на 21:18 и го примира францускиот селектор Клод Онеста да бара тајм аут. Уште двапати беше три разлика за Франција (22:19 и 23:20), а потоа следуваше нова серија на Франција од 10:1 за највисоките 33:21.

Најефикасен на натпреварот беше Кирил Лазаров со 9 голови, а кај Франција Никола Карабатиќ постигна 6.

Следниот натпревар Македонија го игра на гости против Швајцарија на 10.јуни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.