Македонија e пекол за децата без родители

Животот на децата оставени на милост и немилост во суровот свет на возрасните, и чија тргична судбина остава белег што засекогаш ќе алармира за едно погазено човечко достоинство, секаде во светот е далеку од бајка. Но, се чини дека во Македонија, мизеријата и болката со која се соочуваат децата кои се оставени и едноставно непожелни е преголема.

Со години се зборува за истите приказни дека системот со кој треба државата да ги заштити не функционира, а институциите се прикриваат зад своите „ненадлежности“.

И додека сите емпатично теоретизираат и ја разбираат состојбата на овие деца, бебиња умираат при „несреќни случаи“, се продаваат,  злоупотребата на штитениците во Домовите за деца цвета, а посвојувањето на деца е голгота во која корупцијата е редовна процедурална неминовност.

Но, ужаснуваат и не толку ретките случаи на злоставување и физичко малтретирање на децата од сопствените родители.
Сликата со питачење е секојдневие, а случаите со насилство кои дури завршуваат и со смрт на децата, секогаш се трогателни. Но, сепак ненавремената превенција, контрола и институционлно несправување со семејното насилство, овозможува овие трагедии да продолжат да се случуваат.

Деновиве во јавноста беа изнесени сомнежи дека се случува и криминал со бебињата родени од штитеничките на Домовите, односно дека тие се продаваат, а со нивната бројка за живородени се манипулира.

Според  детската амбасада „Меѓаши“  со ова се отвора Пандорина кутија за надлежните да ги истражат состојбите со посвојувањето, но и да истражат каде завршуваат децата родени од штитеничките на Клиниката за гинекологија. Детската амбасада и Народниот правобранител сметаат дека се работи за организирана структура која со години работи.

Само пред нешто повеќе од еден месец, јавноста беше потресена од уште еден скандал со злоупотреба на малолетно 13 годишно двојче, штитеничка на Домот за деца „25 Мај“, кое забременило при сексуалното малтретирање и морало да абортира.  Девојчето повеќе пати било силувано, a одговорните лица од овој Дом во краен случај се виновни и соучесници во делото.
Истрагата за случајов се’ уште е во тек, а освен  11 поднесени  кривични пријави  за одговорни лица од Домот, притворена е кавадарчанка за „тргивија со дете“ поврзана со овој случај.

Според истрагата што ја води Обвинителство сомниченото лице од декември 2017 година до 6.02. 2018 година употребувајќи сила, измама и присилба, а воедно искористувајќи ја детската немоќ, го подвела оштетеното дете на вршење на полови дејствија со полнолетни мажи во повеќе градови низ земјава. Осомничената го превезувала детето, го продавала преку сексуални активности, го присилувала на принудна работа и слугување, а организирала и присилен брак што не се реализирал.

Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство со оглед на тоа што осомничената се движи низ различни места во државава, како и фактот дека доколку е на слобода ќе влијае врз сведоците од кои поголем дел и се блиски роднини и пријатели и постоењето на реално стравување дека може да го повтори делото, обвинителот до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничената. Предлогот беше прифатен и со Решение судијата ѝ определи мерка притвор во траење од 30 дена која мерка е продолжена за нови 30 дена, ни посочија од Обвинителството.

Само неколку дена по обелоденување на овој настан, уште две штитеничи од  Домот „25 Мај“ забремениле, но тогаш од Министерството за труд и социјална политика информираа дека не станува збор за силување, туку девојчињата биле во врска со момчиња, исто така штитеници во Домот.

Проституција во Домовите за деца – системот глув

Проституцијата и злоупотребата на штитениците во овие институции е јавна тајна, за која јавноста бара одговори и одговорност со години наназад, но изгледа дека болката на овие деца, кои се немоќни и незаштитени пред очите на државата, само молчешкум поминува покрај „системот“ кој е глув и ја маргинализира оваа ранлива категорија.

Бегањето, пак, од овие институции е небаре секојдневие, кое исто така говори за фактот дека децата таму не се среќни, а условите во кои се сместени и грижата од одговорните лица е посебна тема на која се посочува со години, но, досега ниту една влада не се ободе од корен да го реши овој проблем. Напотив, само се нафрлаат полулистичи ветувања дека сепак државата мисли на овие деца, но, вистински, ништо не се менува.

Најново во тој поглед е процес на деинституционализација на Домовите за деца, реформа што ја најави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, а што треба да овозможи подобар индивиуален пристап кон секое дете и подобра грижа.

Мито како услов за посвојување

Обвинителството неодамна покрена истрага и за случај во кој службениците во министерството за труд и социјална политика барале пари за децата кои ги даваат на посвојување.

Скопјанката Кристина Кузманова, јавно излезе со обвинување дека лица од службите и побарале 2.000 евра, услов за да го добие старателството, по адаптивниот период. Бидејќи таа подоцна одбила да ги плати парите „на рака“, детето кое веќе било кај неа  и’ било одземано од членовите на комисијата за посвојување, која што ја обвниле за малтретирање на детето.

Кристина Кузманова

За ова следел и судски процес, за кој Кузманова тврди дека е монтиран, а во кој таа е осудена на тригодини услова казна. Ова дете, кое претрпело голема траума, во целиот процес на посвојување и одземање, сега е посвоено од друго семејство.

Посвојување деца, освен што е долготрајна процедура, фактот што има многу поголем број на потенцијални посвоители од деца кои чекаат за посвојување, отвора големи можности за манипулации, корупција и изигрување на процедурата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.