Македонија е природно предиспонирана за развој на квалитетен рурален туризам

Македонија е природно предиспонирана и има одлични услови за развој на квалитетен туризам, особено во руралните средини.

Потенцијалите мора да се искористат најмногу преку поттикнување на женското претприемништво и реализирање различни инвестиции.

Ова е пораката од денешната регионална конференција за развој на руралниот туризам што ја организира Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) во соработка со Фондацијата Центар за жени претприемачи.

„Руралниот туризам е клучното решение за локален економски развој. Фокусот треба да се стави на типичното, традиционално производство кое најмногу го негуваат жените. Затоа и нивната улога е многу битна,“ истакна Алберто Погорелц, висок советник од Италија.

Од конференцијата треба да произлезат предлози за креирање балкански бренд, регионална стратегија за заеднички настап на интернационални пазари и меѓусебна поддршка.

– Нашата цел е да понудиме туризам на различности преку уникатен пристап за секоја земја и регион на Балканот, да креираме свесност за она што го имаме како понуда, да се поврземе и на туристи од трети земји, како Јапонија или Западна Европа, да им понудиме патување низ повеќе, претходно мапирани тури. Притоа е важно да се почувствува спецификата на руралните подрачја, храната и традицијата во секоја од државите, нагласи директорката на Фондацијата Центар за жени претприемачи Виолета Николова Манчевска.

И Николова Манчевска се согласи дека улогата на руралните жени е исклучително важна. Тие, рече, се директно инволвирани во руралниот туризам зашто таму живеат, работат, ја негуваат традицијата.

– Сакаме да ги искористиме нивните потенцијали и капацитети, да спречиме миграција село-град, да им помогнеме економски да зајакнат, да отворат сопствен бизнис во областите што најдобро ги работат, да останат дома и да заработуваат, додаде директорката.

Конференцијата е поддржана од Општина Гази Баба која, како што рече градоначалникот Тони Трајковски, се наоѓа главно во рурална средина. Од вкупната површина, 92 километри квадратни, 65 отсто се во неразвиено подрачје.

– Имаме огромен потенцијал, не само како општина, туку и како држава, но, за жал, многу малку сме успеале да реализираме заеднички регионални проекти, финансирани од меѓународните фондови, посочи Трајковски.

Општина Гази Баба веќе има изготвено стратегија за развој на руралните подрачја. Фокусот е ставен на инфраструктурата, земјоделскиот и шумарскиот сектор, економската состојба на граѓаните.

Предвидено е присуство на преку 60 практичари, истражувачи, едукатори, претставници на владини институции и невладини организации од целиот регион на ЦЕИ, ангажирани во областа на зајакнување на претприемништвото и развој на руралниот туризам.

На конференцијата учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, БиХ, Унгарија и Италија. Се очекува во завршниот официјален дел да се потпише меморандум за соработка.

Извор МИА