Македонија е регионална закана!?

Минатата недела, Џејмс Клапер, директорот на националното разузнавање на САД, сведочеше пред Комитетот за разузнавање во американскиот сенат на отворен и јавен распит. Неговите официјални забелешки – Процена на светските закани – ги посочуваат сите потенцијални закани за американските интереси. Чудно, меѓу нив е и Македонија.

Повеќето луѓе го немаат видено неговото подготвено сведочење. Јас го гледав. И она што е вчудовидувачко е што од 27 страници, тој ч посветил само страница и пол на Европа. Од тоа, една третина му е посветена на Западен Балкан со голем параграф посветен на Турција и два мали параграфа за Македонија и за Босна и Херцеговина. Никаде не е спомената Грција, каде што петгодишната криза ја доведе земјата до работ и резултира со масовни граѓански немири. Никаде не се споменува ни неодамна „избеганиот“ грчки терорист Христодулос Ксирос од озлогласената група „17 Ноември“ (која убиваше американски дипломати во минатото) и кој се заколна дека „ќе ги згрми герилските пушки против тие што им ги украле животите и им ги продале соништата за профит“. Не се споменуваат ни Златна зора и нивното неонацистичко движење.

Нема ниту збор за нередите и проблемите на Косово, како случајот на американските мормонски мисионери, кои беа нападнати и претепани минатиот ноември или српскиот политичар, кој беше убиен минатиот месец. Не се споменува ни генерално деликатната ситуација на Косово. Нема ништо ни за континуираните протести и немири во Бугарија и тамошните повици за оставка на владата. Нема ни збор за јавните и активни сепаратистички движења во Британија, Шпанија, Белгија и во Италија, кои, ако бидат успешни, може да доведат до немири. Не се споменува ни Кипар со неговите економски и социјални проблеми. Нема ништо за невработеноста на младите во Европа, ни за радикалниот ислам, кој доведе до насилства и бунтови во Шведска, Франција и други земји. Не се споменува ни подемот на она што американската владата го смета за „крајна десница“ во државите како Унгарија.

Наместо тоа, особено се нагласува Македонија (заедно со Босна и Херцеговина и со Турција). Зошто? Од каде ги добива Клапер информациите за Македонија? Ги добива од Американската амбасада, оперативците на ЦИА што работат во Македонија и во регионот и, се разбира, од разузнавачките податоци собрани преку следењето на интернет и на телефоните. Тоа го работат Клапер и неговата организација – не само во Македонија, туку и во светот и САД.

Па сепак, ништо во извештајот на Клапер нема допир со реалноста. На пример, тој вели дека „Македонската влада продолжува да турка програми наменети за промоција на етнички македонскиот национализам, на сметка на евроатлантската интеграција на земјата“, додавајќи дека „што подолго се одолговлекува со македонското членство во ЕУ и НАТО поради спорот со Грција околу уставното име на земјата и слабите билатерални односи со Бугарија, толку е поголем ризикот дека ќе се засили етничката напнатост.“

Неговата прва изјава е поврзана со втората и тој го изедначува, погрешно, патриотизмот со национализмот. Тие две работи се сосем различни, а тој ја обвинува македонската влада дека е националистичка кога е таа едноставно патриотска. Но потоа, со поврзување на т.н. национализам со македонските евроатлантски интеграции, тој во основа вели: „Бидејќи Македонија одбра да се бори за своите име и идентитет, ја загрозува својата евро-атлантска иднина.“ Ова, се разбира, е фрапантна лага и македонските влада, бизниси и граѓанско општество секојдневно работат на зајакнување на таа врска.

На крајот – и ова е важно – верувам дека Клапер ја потенцира Македонија од една едноставна причина. Според моите анализи, постојат извесни личности во американската влада кои се исклучително заинтересирани и решени да го зголемат притисокот врз македонската влада за таа да потклекне по прашањето на името и идентитетот. Ова беше целта на неколку такви личности со ред во американската влада (и во многу други европски влади) кои веруваат дека од двете страни (Македонија и Грција) послабата е Македонија и со вршење поголем притисок врз неа, Македонија ќе потклекне и ќе ги смени своето име и идентитет, со што ќе овозможи решение и ќе го тргне срамот од многумина поради фактот дека една членка на ЕУ и НАТО може да се однесува толку детинесто и да не сноси никакви последици поради тоа.

Во последните 25 години ја следам со голема загриженост ерозијата на слободите во Америка. Гледав како мојата влада – предводена и од републикански и од демократски претседатели и конгресот – полека ни ги кратат слободите. Човек треба само да ги пушти најновите вести на ТВ или да ги отвори весниците или интернет за да види како овие слободи ни се лизгаат низ раце, една по една. Тоа ме води мене – и десетици милиони други Американци – до заклучокот дека не можеме да ч веруваме на нашата влада – владата ќе направи сж што сака за да си го истера своето.

Сепак, откако поминав речиси 18 години во и со Македонија, можам да ви кажам дека Македонците нема никогаш да си ги сменат името и идентитетот – а и зошто би го сториле тоа? Некои нешта во животот се поважни од членството во клубови кои веруваат во свет кој не признава суверенитет и национален идентитет. Името и идентитетот што сте ги избрале се две од нив.

Џејсон МИКО за Дневник (Авторот е менаџер за односи со јавноста од Аризона, САД, и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во Југоисточна Европа)