Македонија ги претстави енергетските проекти во Киев

Заменик министерот за економија Христијан Делев ги претстави преземените активности на полето на енергетиката во Република Македонија на 12. Состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница, кој се одржа во Киев, Украина, како земја претседавач со Енергетската заедница во 2014 година.

Со состанокот претседаваше министерот за енергетика и индустрија за јаглен на Република Украина, Јуриј Продан, а на него учествуваше и еврокомесарот за енергетика во заминување Гунтер Отингер.

На состанокот се дискутираше за повеќе теми од енергетиката, кои се опфатени со Договорот за основање на Енергетската заедница, меѓу кои статусот на имплементација на Договорот во областите електрична енергија, природен гас, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, животна средина, конкуренција и друго. Покрај ова, беше претставен и текот на активностите поврзани со имплементацијата на проектите кои се од интерес на Енергетската заедница, како и нивната важност од аспект на обезбедување на сигурност во снабдувањето во регионот, интеграција на пазарите и друго.

Меѓу главните теми беа разгледани и можностите за реформирање на Договорот за основање на Енергетската заедница за наредните 10 години, во насока на зајакнување на механизмите за исполнување на обврските, можност за адаптација на институциите на Енергетската заедница и утврдување на разумни временски рокови за имплементација на законодавството на ЕУ, проширување на Енергетската заедница, зајакнување на институциите кои се формирани со Договорот за основање на Енергетската заедница и друго.

Заменик министерот Делев имаше свое обраќање на состанокот, при што го информираше Министерскиот совет за превземените активности во Република Македонија во изминатата година, како и предизвиците во делот на енергетиката за наредниот период.  Акцент беше ставен и на развојот на гасификациониот систем во Република Македонија, како во делот на преносот, така и во делот на системот за дистрибуција на природен гас и можностите за снабдување со природен гас.