Македонија го игра последниот тест дуел против Хрватска

Денеска во Загреб со почеток од 17 часот, Македонија ќе ја игра својот последен подготвителен дуел во пресрет на квалификациите за ЕП 2015, против репрезентацијата на Хрватска.

Македонија досега одигра 6 подготвителни натпревари, 3 во Охрид и 3 во Скопје, на кои забележа 5 победи и само еден пораз, од Италија. Сепак, селекцијата на Хрватска, барем гледано на хартија, е поквалитетен противник од сите претходни 6 репрезентации со кои ги одмеривме силите, а со оглед на тоа дека се игра на гостински терен, ова ќе биде и најдобар тест за формата и можностите на момците кои селекторот Александар Џикиќ ги одбра да ги бранат боите на нашата репрезентација во квалификациите за Европското првенство.

Инаку во Загреб ќе недостасува еден од нашите најдобри кошаркари, Дамјан Стојановски, кој ќе биде поштеден од селекторот Џикиќ откако на тренинзите се пожали на повреда.

По завршување на овој дуел селекцијата се враќа во Скопје, каде продолжува со последните подготовки пред почетокот на квалификациите за Евробаскетот. Првата средба од квалификациите се игра во недела (10 август) во СЦ „Борис Трајковски“ од 20:30 часот, а противник ќе биде репрезентацијата на Белгија.