Македонија

Македонија го одбележува 23 Октомбри- Денот на револуционерната борба

Македонија го одбележува 23 Октомбри- Денот на револуционерната борба

Република Македонија денеска го одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Во Собранието на Република Македонија напладне ќе биде врачена државната награда „23 Октомври“ за 2014 година во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија.

Државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на науката и образованието и се доделува на проф. д-р Анастасика Попоска, специјалист -ортопед, за остварување во областа на културата и уметноста наградата им се доделува на писателот Милош Линдро, на ликовниот уметник Доне Милјановски, на народниот уметник и фолклорист Димитар Узунски и на Македонската филхармонија.

По повод Денот на Македонската револуционерна борба делегации од Собранието на Република Македонија, од Владата на Република Македонија, од Министерството за одбрана, од Армијата на Република Македонија, од Градот Скопје и од Советот на Град Скопје ќе положат цвеќе пред споменикот на основачите на Внатрешната македонска револуционерна организација во паркот „Жена борец“.

На плоштадот „Македонија“ по повод 23 Октомври концерт ќе одржи Градскиот дувачки оркестар, кој работи под покровителство на Град Скопје.

На 23 октомври, 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев беше формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно Македонската Револуцонерна Организација (ВМРО) или Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО). Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.

Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање модерна самостојна македонска држава.