Македонија го одбележува Светскиот ден на планината

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија денеска го одбележува Светскиот ден на планината – 11 декември. Целта е да се зголеми важноста на планината за секојдневниот живот, како и да се придонесе кон создавање на партнерства кои ќе донесат позитивни промени во нивната заштита.

Во рамки на одбележувањето ќе се одржат три планинарски тури чија крајна дестинација е Спортско рекреативниот центар Матка, каде во Планинарскиот дом попладнето ќе се одржи и официјалниот дел од одбележувањето.

Првата планинарска патека е Скопје-Водно-Матка, втората е Матка/Манастир Успение на пресвета Богородица – Свети Спас – Света Недела – Свети Андреа со опција за пешачење кон манастирот Свети Никола Шишевски и третата пешачка тура е Манстир Успение на пресвета Богородица-Свети Андреа-Кањон Матка со можност за посета на пештерата Врело со чамец.

За турите е организиран бесплатен превоз со автобус на ЈСП кој во 9:00 часот тргнува од Транспортниот центар во Новата железничка станица и кој ќе помине низ Центар-рекорд, Капиштец – Треска, Влае-Сарај се до Матка, а ќе се врати во 15 часот и 30 минути.

Во Планинарскиот дом Матка ќе бидат доделени и награди и признанија за планинарите.