Македонија го победи домаќинот Алжир за пласман во четвртфиналето на СП

Младинската ракометна репрезентација на Македонија (играчи до 21 година) успеа да се пласира во четвртфиналето на Светското првенство што се одржува во Алжир откако синоќа во осминафиналето го победи домаќинот Алжир со 24:20. На полувреме противникот имаше водство од 11:10.

Попладнево, во четвртфиналето Македонија ќе игра против Франција. Според распоредот натпреварот треба да почне во 19:30 часот.

По првото полувреме кое беше изедначено домаќинот имаше минимална предност. Во вториот дел избраниците на селекторот Илија Темeлековски заиграа многу поангажирано пред се во одбраната и на противникот му дозволија да постигне само девет голови. Добрата игра даде резултат во последните четири – пет минути кога нашите ракометари обезбедија предност од четири разлика.

Триумфот е уште позначаен ако се знае дека поради повреда по две минути игра Темалковски, не можеше да смета на Марко Нелоски, а по 40.та минута надвор од игра поради повреда беше и Филип Арсеновски.

Головите за Македонија ги постигнаа: Филип Талески 8, Давор Палевски 4, Мартин Велковски, Мице Шилегов, Филип Кузмановски по 3, Филип Арсеновски 2 и Милан Лазаревски 1. Одлични беа и голманите Мартин Томовски и Никола Даниловски.

Резултати на осминафиналните дуели: Македонија – Алжир 24:20, Франција – Фарски острови 28:25, Данска – Норвешка 34:27, Хрватска – Русија 25:34, Германија – Шведска 31:28 (по продолжение), Тунис – Исланд 28:27, Унгарија – Словенија 28:27 (по продолжение) и Шпанија – Аргентина 27:21.

Денеска во четвртфиналето ќе играат: Македонија – Франција, Германија – Тунис, Данска – Русија и Унгарија – Шпанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.