Македонија го празнува Денот на словенските просветители

Молебен на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим  ќе се одржи денеска, како централен настан во рамки на 46. манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“.

На гробот на Свети Кирил ќе се поклони државна и црковна делегација, а со службата ќе чиноначалствува митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.

Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Традиционално, 24 Мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

Паралелно со 46. издание на манифестацијата во чест на свети Кирил,   Македонија одбележува и 20-годишен јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи со Ватикан. Како дел од културната програма за манифестацијата и јубилејот  во Ватиканските музеи  беше отворена изложба „Словенски ракописи од 13 до 19  век“, а синоќа во театарот „Куирино“ беше изведена театарската претстава „14 часа“.

И Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје денеска со низа активности ќе го одбележи патронатот и 65 години од своето постоење. Според програмата, ќе се одржи молебен за светите браќа просветители и положување цвеќе пред нивниот споменик во Универзитетскиот кампус, како и пригодна уметничка програма.

Одбележувањето на патрониот празник ќе биде заокружено вечер со свечена академија во Македонски народен театар на која реч ќе одржи ректорот на УКИМ Велимир Стојковски. Настанот ќе биде збогатен со музичка програма со настап на хорот „Драги Шуплевски“ при Факултетот за музички уметности на УКИМ.

Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј ќе се чествува и во Охрид со полагање цвеќе на нивниот споменик во градот и со концерт на македонски пијанисти под раководство на проф. Кристијан Каровски што ќе се одржи во црквата  „Св. Софија“.

По повод Денот на македонските и сесловенските просветители, Градскиот дувачки оркестар во Скопје ќе одржи концерт на плоштадот „Македонија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.