Заев од Сараево: Македонија и БиХ имаат заедничка стратешка цел – ЕУ

Македонија и Босна и Херцеговина имаат заедничка стратешка цел, а тоа е Европската унија и единствен став дека мултикултурните општества се предност за напредокот, изјави македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференција со Денис Звиздиќ, претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ во неделата во Сараево Денис Звиздиќ,

Делегација на Република Македонија предводена од претседателот на владата Зоран Заев, престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина и притоа во изјавата за новинарите, за посетата Заев рече дека во БиХ владее исклучителен интерес за Македонија. Звиздиќ, пак, стакна дека сретнале високи владини делегации на две пријателски земји, кои немаат отворени прашања и чии односи се развиваат по нагорна линија во сите области.

Двајцата премиери изразија задоволство од севкупната подготвеност од страна на двете земји, сеопфатно да соработуваат и на регионален план, како основа за остварување на заедничката стратешка цел на двете држави – членство во Европската Унија.

Заев нагласи дека од Сараево е испратена силна порака дека Босна и Херцеговина и Македонија почнаа регионална соработка, утврдена на Самитот за Западен Балкан во Трст, дека ја покажуваат на дело со потпишувањето конкретни меморандуми и договори, коишто се од многу големо значење за граѓаните на двете земји.

Соговорниците пред медиумите истакнаа заеднички став дека и двете земји имаат многу особености што ги поврзуваат и дека тоа е уште една предност за натамошно продлабочување на односите, и можност за споделување искуства.

„Ние сме две земји што веруваат дека е огромно богатство и предност нашата мултиетничност, мултирелигиозност и мултикултурализам, и дека тоа богатство претставува сериозна предност во нашиот напредок во севкупниот развој кој што го планираме за нашите земји. Верувамдека еднаквоста помеѓу различностите е темел на Европската Унија дека заедно ќе ја унапредиме. Пораката што сакам да ја испратам од овде од Сараево е дека доаѓа време кога политичар од еден етникум ќе се бори за унапредување на правата на граѓаните од друг етникум . Тоа е иднината којашто овој наш мултиетнички регион треба да ја има и да ја негува“, истакна Заев.

Двајцата премиери истакнаа огромно задоволство од можноста повторно да се видат кога владина делегација на Република Босна и Херцеговина ќе ја возврати посетата на Република Македонија, и дека тогаш ќе може да се потврди реализацијата на договорените заеднички иницијативи, како што се олеснување на царинското работење меѓу двете земји, воспоставување на олеснети комуникациско-транспортни коридори, вклучувајки и директна авио линија меѓу Сараево и Скопје, меѓусебно признавање на возачките дозволи и други проекти договорени на оваа средба.

Во завршницата на своето обраќање по повод резултатите од оваа средба, премиерот Заев испрати порака до граѓаните на Босна и Херцеговина почесто да ја посетуваат Република Македонија, да ја чувствуваат како своја пријателска земја, да го помогнат унапредувањето на соработката помеѓу двете земји.

Истата порака Заев им ја упати и на граѓаните на Република Македонија, што почесто да доаѓаат во Сараево, во Мостар, и во другите градови на Босна и Херцеговина, за заеднички придонесво унапредувањето на меѓусебните односи.

Во текот на денот, премиерот Зоран Заев и владината делегација, во која се и Оливер Спасовски, министер за внатрешни Работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бектеши Крешник, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура и Едмонд Адеми, министер без ресорзадолжен за дијаспората,имаа работен состанок со членовите на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Во рамките на оваа средба поптишан е Меморандум за разбирање меѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија. Договорот го потпишаа министрите Мирко Шаровиќ и Љупчо Николовски, додека министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот за цивилни работи во владата на БиХ,Адил Османовиќ, потпишаа Програма за културна соработка.

Владината делегација имаше средби и со високи претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, со Претседателството на Република Босна и Херцеговина, како и со лидери на одделни политички партии.

Во текот на попладнето, делегацијата на Република Македонија ќе го посети спомен обележјето во Ротимље, во чија близина трагично го загуби животот Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и членовите на неговата придружба.

Македонската делегација во рамките на посетата на Република Босна и Херцеговина, вечерва ќе престојува и во Мостар, каде што на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе му биде врачена наградата „Mostar Peace Connection“ и каде што ќе биде потпишан документот „Мостар повелба на мирот“.