Македонија и Бугарија ќе потпишат План за соработка во областа на здравството

Министерот за здравство, Никола Тодоров, во рамки на денешната работна посета на Софија, оствари средба со Министерот за здравство на Република Бугарија, д-р Петар Стефанов Москов.

Како што соопштуваат од Министерството за здравство, на средбата е договорено во претстојниот период да се потпише План за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија, со цел унапредување на соработката, со посебен фокус на едукации, стручно усовршување и специјализации на македонските доктори.

Планот ќе содржи и други облици на соработка, како што се: соработка во областа на здравствениот менаџмент, изработка на протоколи, упатства, водичи и стандарди, програми за превенција, како и размена на искуства во областите на јавното здравје и медицинските науки.

Со овој План ќе се зајакне соработката со Медицинскиот факултет при Медицински Универзитет во Софија, кој е реномиран научно-истражувачки центар во областа на медицината, а воедно и најстара високообразовна установа во оваа област, формирана во 1917 година.

Во рамки на денешната посета, министерот Тодоров се сретна и со деканот на оваа високообразовна установа, проф. д-р Марин Маринов. На средбата беа разгледани можностите за специјализација и обуки за стручно доусовршување на македонските доктори. Воедно, предвидено е до крајот на овој месец повеќе професори од катедрата по неонатологија да дојдат во Македонија, со цел размена на искуства со македонските колеги во оваа област.