Македонија и Финска одиграа без голови во Белек

Македонија и Финска одиграа натпревар без голови на „Глорија“ арена во турски Белек. На пријателскиот дуел нашата репрезентација имаше поголем број прилики за погодок од противникот, но не успеавме да реализираме. Со позитивниот резултат ја продолжуваме серијата без пораз. Следниот натпревар, контролен,  е против Азербејџан на 27. март, исто така во Белек.

Нашата репрезентација прва се закани кон голот на Финска. Најпрвин Езџан Алиоски од слободен удар во шестата минута, а веднаш потоа по корнерот на Барди, Илија Несторовски беше за малку прекраток на втора статива. Вистинска прилика за отворање на резултатот во 58. минута имаше Аријан Адеми, по одбиена топка од противничката одбрана, нашиот фудбалер од средниот ред излезе сам пред голот, но Храдецки одлично интервенираше и спречи водство на Македонија. Финска во 75. минута најубавата своја шанса ја пропушти преку Робин Лод кој од одлична позиција шутираше крај голот на Димитриевски.

Македонскиот селектор Игор Ангеловски направи шест замени во репрезентацијата. Тој по средбата изјави дека е задоволен од играта на своите избраници.

– Ова беше вистински пријателски натпревар, сакавме да играме против ваков противник и мислам дека одговоривме на задачите. Можеби немаше многу шанси, ние пропуштивме зицер преку Адеми да постигнеме гол, а потоа и тие имаа една можност, па нерешениот резултат е најреалниот исход. Јас сум задоволен од начинот на кој играа репрезентативците и сега ќе размислуваме на натпреварот со Азербејџан- рече селекторот.