Македонија и Израел потпишаа Протокол за соработка за дипломатска обука

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија со седиште во Ерусалим г. Дан Орјан.

Како што соопштуваат од кабинетот на министерот, на средбата двајцата соговорници констатирале дека односите меѓу двете пријателски земји бележат нагорен тренд.

– Израелскиот дипломат укажа дека Република Македонија за Државата Израел претставува важен и близок партнер во Југоисточна Европа. Министерот Попоски упати покана до својот колега, Министерот за надворешни работи на Израел Авигдор Либерман, да реализира возврат на официјална посета на нашата земја, во скора иднина, стои во соопштението.

Македонија со Државата Израел потпиша Протокол за соработка помеѓу министерствата за надворешни работи на двете земји во областа на дипломатската обука.

Со Протоколот се воспоставуваат услови за јакнење на односите и редовна соработка на Македонија со Израел во областа на обуката и надградбата на квалификациите на дипломатите, преку размена на искуства и познавања од сите сфери на надворешната политика, применувајќи модерни методи и техники за нивни обуки.