Македонија и Кина ќе ја унапредуват соработката во одбраната

Соработката во одбраната меѓу Македонија и Кина е на мошне високо ниво и треба да се работи интензивно на нејзино натамошно зајакнување и унапредување, заклучија на денешната средба во Пекинг македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски и генералот Чхан Ванкуан.

Република Македонија е определена билатералната соработка со Народна Република Кина во областа на одбраната да ја продлабочува и да ја развива во духот на заемното пријателство и поддршка, истакна министерот Јолевски. Односите со НР Кина, додаде министерот, од година во година се движат во нагорна линија што се потврдува со бројните средби на највисоко ниво. Соработката во областа на одбраната е дел од севкупните билатерални односи и придонесува за нивно натамошно јакнење.

Министерот Јолевски, како што информира ресорното Министерство, се заблагодарил за досегашната поддршка од страна на НР Кина, која вклучува воена обука и едукација на кадри. Притоа е договорено да се разменат искуства за учеството во мировните мисии на ОН, каде Кина е еден од најголемите контрибутори.

Јолевски изразил задоволство и што припадници на кинеските вооружени сили учествуваат на курсевите во Регионалниот центар за односи со јавноста во Министерството за одбрана, како и на меѓународниот летен кампус.

Во рамки на посетата на Кина, министерот Јолевски го посети и Универзитетот за национална одбрана при што потенцираше дека негов приоритет е унапредувањето на военото образование во Република Македонија. – Во тек е трансформација на Воената академија во Универзитет за национална одбрана и безбедност, а паралелно воведуваме и дел од предавањата за 3-та и 4-та година на академијата на англиски јазик, соопшти Јолевски на средбата во Универзитетот.

Министерот Јолевски имаше средба и со менаџментот на една од најголемите кинески компании „Поли Груп“, која има инвестиции во Европа и во регионот во областа на енергијата, инфраструктура, градежништвото и рударство. Искажан е иницијален интерес на оваа компанија за инвестирање во Македонија во областа на инфраструктурата и енергијата по пат на јавно-приватно партнерство.

Во текот на посетата Јолевски ќе ја посети и Академијата за специјални операции каде ќе се запознае со капацитетите и со можностите за соработка на полето на специјалните сили.

Република Македонија и НР Кина соработуваат на полето на одбраната од 2004 година кога беше потпишана и Спогодбата за соработка. Таа вклучува соработка на полето на воената наука и технологија, образованието и обуката, културата, спортот и други области.