Македонија и Косово ќе ја унапредуваат економската соработка

Министерот за економија Беким Незири денеска во просториите на министерството, оствари билатерална средба со косовскиот министер за економски развој Фадил Исмаили. На состанокот се разговараше за тековната соработка во трговската и економската сфера и изнаоѓање на заедничко решение за продлабочување на истата.

“Постоечките билатерални односи помеѓу Реублика македонија и Република Косово се добра основа за натамошно надградување и унапредување на соработката. Денешната средба е резултат на договорот на неодамнешните средби на земјите од Западен Балкан што се одржаа во Берлин и Будва на кои што беше посочено дека соработката на земјите во регионот е клучна за напредокот“, истакна министерот Незири додавајќи дека Република Македонија и Република Косово заеднички ќе бараат средства од европските фондови за новото енергетско 400-киловолтно поврзување меѓу двете земји, за реализација на патните правци Тетово – Призрен, Скопје – Блаце, како и за железничко поврзување на Белград преку Приштина и Скопје со Солун и Истанбул.

IMG_8676

Незири потенцира дека реализацијата на овие инфраструктурни проекти ќе помогне многу за развој на економиите на двете земји, но и за економиите на регионот, па дури и пошироко во Европа.

“Сите држави во регионот имаат проблеми со ниската маргина на јавниот долг и реализацијата на поголемите инфраструктурни проекти претставуваат реален проблем. Затоа ќе бараме поддршка од Европската Унија, како што и досега сме барале за нивна реализација, истакна Исмаили, посочувајќи дека од реализацијата на овие проекти двете држави ќе имаат огромни продобивки.

На билатералната средба министрите договорија приоритет да дадат на административните проблеми кои ги имаат бизнисмените при трговската рзмена меѓу двете земји, да се направат анализи и на наредниот состанок секоја од страните да ги посочи конкретните проблеми за да се изнајде решение.

Македонија и Косово имаат добри билатерални односи и обострана желба истите да се унапредуваат, особено во делот на економската сфера, во интерес на двете земји и целиот регион, оценија македонскиот и косовскиот министер Беким Незири и Фадил Исмаили по денешната средба во Скопје.