Македонија

Македонија и Норвешка го потпишаа Договорот за соработка во однос на проектот „ЛЕПЕЗА“

Македонија и Норвешка го потпишаа Договорот за соработка во однос на проектот „ЛЕПЕЗА“

Министерот Талат Џафери и одбранбеното аташе на Кралството Норвешка во Република Македонија, полковникот Есбен Ас, го потпишаа договорот со кој се продолжува соработката помеѓу двете држави кога станува збор за програмата „ЛЕПЕЗА“ денеска во во просториите на  Министерството за одбрана.

 „Со поддршка од Кралството Норвешка, Министерството за одбрана на Република Македонија воспостави систем за подготовка на воениот персонал за враќање во цивилен живот по престанокот на службата во Армијата“, изјави министерот Џафери.

 Џафери додаде дека двете министерства имаат долгогодишна плодна соработка на многу полиња – заедничкото учество во медицинските тимови во Авганистан, соработката во воспоставувањето на балкански медицински сили, соработката во прераснувањето на Регионалниот тренинг центар за комуникации во Центар за односи со јавноста на Партнерството за мир, како и други заеднички активности кои даваат исклучителни резултати во поддршката на мирот во светот и во воспоставувањето на регионални проекти во доменот на одбраната.

Во оваа прилика полковникот Есбен Ас истакна дека „Норвешка ќе продолжи да ја дава својата поддршка на проекти во Македонија, со цел да даде придонес во натамошното европско интегрирање на земјата, како и да ја охрабри и поттикне континуираната имплементација на тековните активности како и регионалните проекти каде што Македонија игра активна улога, како на пример проектот кој што се однесува на балканските медицински наменски сили“.

Истовремено, полковникот Ас се заблагодари за поддршката и придонесот кои Република Македонија ги дава во силите ИСАФ, посочувајќи на соработката која што е воспоставена помеѓу две земји во поглед на Авганистан и хируршките тимови од Република Македонија, кои како дел од полската воена болница предводена од Норвешка, стационирана во Малмана, прикажаа импресивна компетенција и професионална посветеност.

Програмата „ЛЕПЕЗА“ која датира од 2006 година, обезбедува квалитетна помош и поддршка на лицата (офицери, подофицери, професионални војници и цивилен персонал во Армијата на Република Македонија) на кои им престанува службата во АРМ, со цел лесна и ефикасна транзиција во цивилен живот. Имено, лицата добиваат помош во стекнување на високо ниво општи и специфични цивилни знаења, вештини и квалификации за втора, цивилна кариера. Во овој период, покрај поддршката во воспоставувањето на трите центри за транзиција, во Скопје, во Штип и во Кичево, многу значајна беше и поддршката во обучувањето на обучувачите за спроведување на процесот на подготовка за враќање во цивилен живот. Низ процесот на подготовка на воениот персонал за враќање во цивилен живот во периодот од 2007 до 2012 година поминаа повеќе од 400 лица на кои им престана службата во Армијата.