Македонија и Словачка за 20 години изградија пријателски односи, дијалог и партнерска соработка

По повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Словачка, денеска, во црквата „Св. Софија“ во Охрид, се одржа пригоден културен настан под покровителство на Претседателот  Ѓорѓе Иванов, а во организација на Министерството за надворешни работи и Министерството за култура на Република Македонија и на Амбасадата на Република Словачка во Македонија.

Свои обраќања имаа претседателот Иванов, министрите Попоски и   Канческа-Милевска и Амбасадорот на Словачка, Безак.

Министерот Попоски во обраќањето меѓу другото истакна дека Македонија и Словачка во изминативе 20 години изградија исклучително добри, пријателски односи, континуиран политички дијалог, партнерска соработка во мноштво области и блиски културни врски.

„За нас од посебно значење е разбирањето на Словачка за неопходноста од проширување на Европската унија со земјите од Балканот и потребата од принципиелност и конзистентност на европските институции, со цел Македонија и останатите земји од регионот да станат дел од големото европско семејство, каде што природно припаѓаат. Искрено посакуваме и веруваме, дека наредниот Словачко -Македонски јубилеј ќе го одбележиме како две полноправни членки на НАТО и на Европската Унија“, нагласи Попоски.

Настанот вклучуваше свечена промоција на „Прогласот“ на Константин Филозоф Св. Кирил, значајно тријазично дело, со делови на старословенски, словачки и македонски јазик и изложба „1150 години од доаѓањето на Константин и Методиј на територијата на Република Словачка“.

На настанот присуствуваа покровителот, претседателот, Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, министерот за култура, Елизабета Канческа-Милевска, претставници на други државни институции, на научната и академската средина, претставници на дипломатскиот кор, на локалната власт од Охрид, на црковните власти, Амбасадорот на Република Словачка, Мартин Безак, како и голем број пријатели на Република Македонија и на Република Словачка.