Македонија и Словенија потпишаа меморандум за соработка во образованието

Протокол за соработка во областа на образованието денеска потпишаа министерот за образование и наука на Република Македонија, Абдилаќим Адеми и словенечкиот министерот за образование, наука и спорт, Маја Маковец Бренчич.

Адеми, како што соопшти МОН, во рамки на работната посета на Словенија нагласи дека со склучувањето на Протоколот ќе се овозможи натамошен развој и продлабочување на постоечката билатерална соработка меѓу двете земји, преку непосредна соработка и контакти меѓу образовните установи во сите домени на образование.

Во рамки на овој Протокол, на студентите, државјани на Република Македонија, што се однесува до плаќање на школарината за додипломски студии, овозможено им е студирање под еднакви услови и критериуми што ќе важат и за словенечките студенти, а во согласност со условите и критериумите на универзитетската автономија на словенечките универзитети.  Исто така, од голема важност за Македонија е и договорената поддршка за воведување на заеднички последипломски студии, меѓу заинтересираните високообразовни установи на двете земји во областите од земен интерес, а со цел  подобрување на квалитетот на образованието и во овој сегмент. Со одредбите на Протоколот, предвидени се  стипендии за студиско усовршување на високообразовните установи во двете земји за млади истражувачи  до 26 годишна возраст, како и стипендии за студенти кои го изучуваат  македонскиот, односно словенечкиот јазик на високообразовните установи во двете земји, рече Адеми.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, двајцата министри на средбата разговарале и за политиките во областа на образованието и науката во двете земји, со акцент на позитивните искуства што ги има Република Словенија, како земја членка на Европската Унија.

Министерството за образование и наука на Македонија, исклучиво ја цени поддршката од страна на Министерството за образование, наука и спорт на Република Словенија, во однос на проектната соработка во меѓународни и регионални рамки, особено во рамки на европските програми, што придонесува за градење на капацитетите на македонските високообразовни и научни установи, за поуспешно интегрирање во европската научна мрежа, рече Адеми.

Тој информираше за почетоците на  билатерална соработка  меѓу Македонија и Словенија. Активностите на билатерален план со Словенија во областа на науката се одвиваат врз основа на Спогодбата за научна и технолошка соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Словенија потпишана на 24 декември 1993 година во Скопје.

Во рамките на оваа Спогодба, потпишани се Протоколи за соработка, врз основа на кои, реализирани се заеднички научно-истражувачки проекти од сите научни области, со кои  се постигнува развој на научните достигнувања, компаративни анализи на достигнувањата во двете земји, рече Адеми.

Министерот Адеми, исто така, додаде дека на 15 февруари 2011 година во Љубљана, е потпишан Протокол во чии рамки се овозможи студирање за македонските државјани на словенечките универзитети, со услови еднакви како и за словенечките државјани. Во рамки на Протоколот Министерството за образование и наука во соработка со ЦМЕПИУС – Центар за мобилност и европски програми за образование и оспособување на Република Словенија, распишува Конкурс за доделување на стипендии за изучување на словенечки, односно македонски јазик, како и стипендии за студиско усовршување на млади истражувачи до 30 годишна возраст на словенечките, односно македонските високообразовни и научни установи.