Македонија

Македонија и Србија ќе го изградат Коридор 10 до 2016 година

Македонија и Србија ќе го изградат Коридор 10 до 2016 година

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, денеска во рамки на Самитот на шефовите на Владата на Кина и 16 земји на Централна и Југоисточна Европа што се одржува во Белград, оствари билатерална средба со потпретседателот на Владата на Република Србија и министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ.

Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, на средбата се разговарало за крупни инфраструктурни проекти во делот на железничкиот сектор, пред се, за подобрување на условите во патничкиот и товарниот сообраќај, како и за други прашања од заеднички интерес.

Двајцата министри ветија дека ќе направат големи напори и заложби да ја заокружат изградбата и модернизацијата на Коридор 10 до 2016 година.

Министерот Јанакиески изјави дека во месец јануари 2015 година, на престојната заедничка седница на Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија во делот на железничката соработка ќе се потпише билатерална спогодба за утврдување на гранични процедури за железнички граничен премин Табановце-Прешево, која веќе е усогласена меѓу двете страни.

Воедно, од страна на потпретседателката на Владата и министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Михајловиќ, беше изразена добрата волја за понатамошна соработка како и размена на позитивни искуства во делокрукот на работа на двете министерства.

Од страна на министерот Јанкиески беа разменти искуствата во делот на имплементирање на Законот за градење и Законот за урбанистичко и просторно планирање, како и упростените процедури за издавање на одобренија за градење.

– Средбата помеѓу двајцата министри, како што истакнаа и самите е доволен доказ за добрите меѓусоседски и пријателски односи помеѓу двете земји, се вели во соопштението.