Македонија и Турција ја продлабочија соработката

Претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски оствари средба со амбасадорот на Република Турција, Омур Шолендил, кому му посака успешна работа во неговиот мандат.

Вељаноски, на средбата истакна дека Република Македонија и РепубликаТурција имаат многу блиска и пријателска билатерална соработка, со посети од двете страни на највисоко ниво. Претседателот на Собранието посебно го истакна задоволството од досегашното ниво на соработка со Големото народно собрание на Република Турција, како и значењето на парламентарната дипломатија преку која може уште повеќе да се придонесе во севкупните односи на двете земји.

На средбата се разговараше и за регионалната соработка на двете држави особено во Процесот за соработка во Југоисточна Европа како и продлабочување на соработката во други здруженија и процеси кои се од взаемен интерес.

Двајцата соговорници се согласни дека Македонија и Турција имаат плодна соработка и на многу други полиња, како што се економијата, трговијата, индустријата, одбраната, образованието и културата. Посебно беше истакнато присуството на голем број турски компании во Македонија, за кои постои голем интерес и понатаму од страна на турските бизнисмени кои сакаат да инвестираат во Македонија.

Новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Омур Шолендил изрази задоволство и благодарност за средбата и посебно ги истакна досегашните пријателски релации меѓу двете земји, ја изрази својата надеж дека така ќе биде и во иднина и ја искажа својата подготвеност да придонесе активно во уште поголемо продлабочување на соработката на сите нивоа меѓу Република Македонија и Република Турција.

На крајот, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието на Република Македонија за соработка како и неговиот Кабинет за континуирана комуникација и соработка со Амбасадата на Република Турција во Република Македонија.