Македонија и Турција ја зајакнаа соработката во воздухопловството

Во Дубровник, на Специјалниот состанок на генералните директори на агенциите за цивилни воздухопловства на 44 земји членки на ЕКАК, директорот на АЦВ, Дејан Мојсоски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Турција Билал Екси, потпишаа Меморандум за разбирање.

Документот има за цел, да ја зајакне регионалната соработка во областа на цивилното воздухопловство, како и да ја подобри ефикасноста и ефективноста при примената на барањата од областа на безбедноста, дадени со Спогодбата за ЕЗВО.

Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање, двете воздухопловни власти ја продлабочуваат соработката при користењето на ресурсите во однос на стручен персонал, експертиза во одредени аспекти на цивилното воздухопловство и документацијата на истото.

Овој Меморандум, ги покрива и областите во делот на безбедноста и сигурноста на воздушниот сообраќај, програмите за обука, испити и лиценцирање, операции поврзани со летање и аеродроми, пловидбеност и регистар, потрага и спасување, како и сегментите поврзани со Националните надзорни власти и Службите за воздушна навигација.

Потпишувањето на Меморандумот за разбирање со турските воздухополовни власти е резултат и на зголемениот обем на сообраќај кој го реализираат редовните и чартер авиопревозници кон Република Македонија, како и на остварените инвестициите во комплексот на цивилниот воздушен сообраќај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.