Македонија и Турција ќе продолжат да соработуваат на сите полиња

Македонскиот премиер, Никола Груевски денеска во Владата оствари средба со својот турски колега, Ахмет Давотоглу.

Премиерот Груевски истакна дека билатералната средба се покажала како многу продуктивна и на неа се договорила соработка на сите полиња.

-Република Турција е долгогодишен наш пријател, кој секогаш е наша поддршка во нашите евро-атлански аспирации, како и земја која дава вредносна поддршка на нашите национални интереси. Турција е земја која во последниве години ја вбројуваме во топ 10 земји со кои имаме трговска размена и инвестиции, рече Груевски.

Тој додаде дека на средбата се разговарало и за унапредување на туризмот на двете држави.

-Туризмот ќе се развива во двете насоки, како во организирани посети, така и во инвестиции. Напредок и подобрување на соработката е остварен во повеќе полиња како земјоделството, продлабочување на бизнис соработката на трговски и економски план. Соработката ја подобруваме и на културен план, наскоро ќе се отворат и културни центри во двете држави. Владата воведе и стипендии за преведување и толкување од старотурски јазик што покажува дека работиме на постигнување на заедничките цели, рече премиерот Груевски.

Турскиот премиер Давутоглу исто така е согласен дека соработката која двете држави ја имаат во моментов е на солидно ниво и истата треба да се продлабочи.

-Работиме на тоа трговската размена да се зголеми уште повеќе и да достигне една милијарда долари, рече Давотоглу.
Тој додаде дека Турција и понатаму ќе продолжи да ја поддржува Македонија, како и дека ќе работи на инвестирање во нашата држава.