Македонија и Турција железнички ќе се поврзат

ЕБОР одобри кредит на државата во износ до 145 милиони евра, за модернизација на железничката инфраструктура во Македонија и за зајакнување на регионалното транспортно поврзување на земјата.

Модернизацијата на транспортната инфраструктура е еден од клучните приоритети на работењето на ЕБОР во Западен Балкан, кој помага во подобрување на трговските рути во регионот, продлабочувајќи ја пазарната интеграција и развивајќи посилна меѓугранична соработка.

Овој кредит гараниран од државата и подигнат од Јавното претпријатие – Македонски железници инфраструктура (ЈПМЖИ), обезбедува финансирање на надградбата на втората фаза од источниот дел на Транс-европскиот железнички коридор 8.

Со ова финансирање, ќе се овозможи завршување на клучните 34 километри пруга од железничкиот коридор, кој конечно ќе го поврзе брегот на Црното море во Бугарија и брегот на Јадранското море во Албанија, како и Турција. Вкупната вредност на проектот е 600 милиони евра.

Преку овој проект, ЕБОР ќе помогне во имплементацијата на меѓу-граничните договори со Србија и Косово, кои ќе ја формализираат и поедностават меѓуграничната процедура во регионот. Ова отвара можност за најмалку 20 отсто зголемување на трансферот на стоки преку железничкиот сообраќај, со можност за зголемување, како што ќе се зголемуваат нивоата на услуги.

Овој проект во голема мерка е поддржан од донаторите, со средствата обезбедени од Програма за инвестирање во Западен Балкан во делот на изготвувањето на проектот и подготовката на тендерската документација. Дополнително на ова, ќе биде обезбедена финансиска поддршка за импле-ментација на проектот од Централната Европска Иницијатива.

– Ни претставува задоволство понатаму да ги поддржуваме реформите во македонскиот железнички сектор. Преку своите претходни проекти, Банката воспостави блиски релации со клучните играчи, и е добро етаблирана за поддршка на реализацијата на проектот, како и на водење на успешен политички дијалог со Владата во однос на реформата на овој сектор. Вредноста на овој проект на ЕБОР не е само во Македонија, туку и во регионот, истакна Су Барет, Директор за транспорт на ЕБОР.

– Проектот ќе помогне и понатаму да се интегрира македонската инфраструктура со соседите, поттикнувајќи ја регионалната економија. Транспортниот коридор ќе ги поврзе Црното море во Бугарија со Јадранското море во Албанија. ЕБОР е расположена да ја продолжи соработката на главните стратешки приоритети на земјата, во тесна соработка и договор со Владата, изјави Билјана Милошеска, Виш Банкар во ЕБОР.

– Изградбата на Коридорот 8 железници носи повеќекратна политичка и економска вредност. Истата претставува можност за воспоставување на мост помеѓу запад и исток, и од таму, кога ќе заврши изградбата на целосниот железнички дел, патувањето по копно од Скопје до Истанбул ќе се скрати за час и половина. Ова е главен проект за земјата, бидејќи помага да се изгради одржлив економски развој, кој ќе произлезе од меѓуграничната трговија, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

ЕБОР започна со инвестирање во македонската економија во 1993 година. До денес во земјата, има потпишано над 90 проекти, со нето кумулативен бизнис волумен од над 1,2 милијарди евра.