Македонија има чесни граѓани – Доказ за тоа е Фејсбук

Ако сте си помислиле дека повеќе нема чесни граѓани, тогаш многу се лажете, а социјалната мрежа Фејсбук е вистински доказ за тоа. Клучеви за автомобил, паричници, лични документи, велосипеди, загубени животни… Ако нешто од ова сте загубиле, тогаш можеби е време да го побарате на Фејсбук.

Покрај тоа што ги користат за комуникација, граѓаните се свртуваат кон социјалните мрежи и за пронаоѓање на сопствениците на загубените предмети што ги пронашле. На Фејсбук се појавија неколку вакви групи каде чесните граѓани објавуваат фотографии од најдени предмети со цел да им ги вратат на сопствениците.

На Фејсбук страната „Ѕид на сообраќајниот срам“ покрај тоа што редовно се објавуваат фотографии поврзани со сообраќајот во земјава, исто така се споделуваат и фотографии од загубени клучеви од автомобил, регистарски таблички и слично.

zid-soobrakjaen-sram-klucevi

Но ова не е единствената страна каде треба да се обратите ако нешто сте загубиле. Загубениот предмет можете да го побарате и на неколку други страници на Фејсбук што се наменети токму за тоа.

Една од најпознатите вакви групи е „Изгубено-најдено“, која засега има повеќе од 4 илјади члена, кои секојдневно објавуваат фотографии од загубен паричник, мобилен телефон, регистарска табличка и слично.

Групата ја создадов затоа што случајно пронајдов еден клуч. Навистина не знаев каде да се обратам и како да го известам сопственикот на клучот, па затоа решив да ја креирам фејсбук-групата „Изгубено-најдено“. За жал, сопственикот не го пронајдов, но популарноста на групата значително се зголеми и сега веќе има над 4 илјади члена, вели Борче Андоновски за весникот „Нова Македонија“.

Izgubeno-najdeno

Покрај ова, на истата група редовно се објавуваат информации и за исчезнати лица, а исто така се преземаат и слични објави од другите Фејсбук страници наменети за пронаоѓање на загубените предмети.

Исто така има и такви што со помош на Фејсбук страниците од типот Изгубено-Најдено се обиделе да ги најдат и нивните заталкани миленичиња. За таа цел има и посебни Фејсбук групи, кои што се занимаваат само со загубените миленичиња.

ukradeni-tocaci

Освен за загубените предмети на социјалните мрежи се почесто се креираат и други групи на кои што чесните граѓани се обидуваат да им помогнат и на оние на кои што им бил украден велосипедот. Таква е страницата Украдени Точаци која има над 4.700 членови, а каде граѓаните споделуваат фотографии од нивните украдени велосипеди во надеж дека некој чесен граѓанин ќе ги најде или ќе им даде некаква информација за истите.

Ако некогаш сте помислиле дека повеќе нема чесни граѓани и дека засекогаш сте останале без вашите драги предмети што сте ги загубиле или пак без предметите што ви се потребни, тогаш можеби би требало уште еднаш да се преиспитате. Фејсбук е доказ дека во Македонија сеуште има чесни граѓани што се обидуваат загубените предмети да им ги вратат на нивните сопственици.