Македонија – Интересна локација за странските филмски продукции

Во Македонија снимени три епизоди од серијата „12 Monkeys”.

Режисерот на ТВ серијата „12 Monkeys“ Дејвид Гросман, искажал пофални зборови за искуството во Македонија.

– Дали би се вратил тука да снимам и дали би им препорачал на други да снимаат тука? Да и да, изјавил Гросман.

Имено, на 27-ми февруари беше емитувана епизодата „Keys”, прва од трите епизоди на серијата „12 Monkeys” снимени во Македонија.

Снимањето во Македонија се одвиваше на 4 локации: Манастирот Трескавец, Кратово, Водно и Старата чаршија во Битола.

Продукцијата е на Universal Cable Productions во соработка со Atlas Entertainment, продуценти на филмската верзија. Режисер е Дејвид Гросман, директор на фотографија е Тико Пулалакис, продуцент е Мајкл Реј, локациски продуцент е Раџив Дасани, додека Миливоје Ѓорѓевиќ од ФХ3Х е главен извршен продуцент на македонската екипа на „12 Monkeys“.

Серијата „12 Monkeys“ е базирана на истоимениот филм од 1995 година. Во неа е претставена приказната на патникот низ времето Џејмс Кол, кој доаѓа од не толку убавата иднина од 2043 во денешницата, со мисија да лоцира и искорени смртоносен вирус кој само што не ја уништил човечката раса во неговото време.

-Во Македонија снимавме делови од три епизоди во кои дејството се случува во Чеченија. Во приказната, нашиот патник низ времето пресретнува вирус кој е испратен да елиминира предавник во редовите на ЦИА. Тој го пресретнува вирусот, но не успева да спречи вирусот да се рашири. Во моментот пред дрон да ја нападне неговата локација, Кол се пренесува во иднината, каде што открива дека си го спасил животот само за да го посведочи сопствениот неуспех заради последиците од вирусот, објаснува Гросман.

-По внимателни пребарувања, продукциски се одлучивме за Македонија како совршена локација. Македонија и го даде на нашата приказна просторот, продукциската вредност и локации кои ни ја оживеаа приказната, додал тој.

Во однос на соработката со ФХ3Х тој објснува дека ти се одлична екипа и ги опишува како врвни професионалци со целосна посветеност.

-Можам да ви кажам дека со помалку спремна екипа немаше да постигнеме сé. Материјалот кој го донесовме од снимањето е доказ за квалитетот. Лично според мене, искуството беше забавно и возбудливо. Камерманите беа бестрашни, аудио одделот совршен. Луѓето задолжени за шминка, костимографија и сценографија завршија одлична работа со координацијата со нашата главна продукција во Торонто, задржувајќи го изгледот на серијата. Асистентите на режисерот? Со еден збор? Брилијантни! Мишко Ѓорѓевиќ од ФХ3Х освен што е совршен домаќин, со својот продукциски тим се погрижија за секој аспект на продукцијата, од царинските процедури до купување на потопол капут. Смирени, искусни, со одличен смисол за хумор, овозможија продукцијата да си тече спокојно. „Нема проблем“ значеше дека навистина нема проблем. Нема подобро од тоа. Дали би се вратил назад? Би им препорачал ли и на други да снимаат тука? Да и да, изјавил режисерот Гросман.

Главниот извршен продуцент на македонската екипа на „12 Monkeys“, Миливоје Ѓорѓевиќ од ФХ3Х проговори за позитивното искуство од овој проект.

-Ова беше ново искуство за нас. Во основа го прифативме како предизвик. Тимот кој го склопивме за овој проект несебично се вложи. Сите беа мотивирани и дадоа максимум. Одлично сработениот проект е успех на целиот тим. Проектот беше многу динамичен. Сé се случуваше во текот на еден месец. Искуството кое го имаа режисерот и директорот на фотографија помогнаа да се заврши целиот проект со молскавично темпо, објаснува Ѓорѓевиќ.

Тој смета дека овој проект го гледаат како почетна точка за развој на комплетно нова палета на услуги кои ќе ги понудат на светскиот пазар, бидејќи соработката продолжува, а веќе се разгледуваат и можности за други проекти да се префрлат во Македонија.