Македонија

Македонија избрана за член на Бордот на гувернери на ИАЕА

Македонија избрана за член на Бордот на гувернери на ИАЕА

Република Македонија е избрана за член на Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), а амбасадорот Кире Илиоски за гувернер на новиот состав на Бордот на гувернери за периодот 2014-2016 со двегодишен мандат, соопштија од македонската Амбасада во ОБСЕ.

Бордот на гувернери претставува едно од најбитните тела на Агенцијата за носење одлуки и креирање политики. Со членувањето во ова тело, потенцираат од Амбасадата, Република Македонија ќе има активна улога во креирањето на политиките и ќе се стекне со поголема видливост во рамките на Агенцијата.

Членството во Бордот на гувернери овозможува низа политички и технички/експертски придобивки, како и поголем простор за реализирање на националните приоритети на државите-членки.

Меѓународната агенција за атомска енергија е светскиот центар за научна и техничка соработка во сферата на нуклеарната енергија со основна цел промоција на нуклеарната енергија во мирољубиви цели, преку спречување на нејзината воена намена.