Македонија ја почнува втората фаза на ЕП, Шпанија прва пречка кон полуфинале

Македонската ракомeтна репрезентација вечерва 20,30 часот ќе го одигра првиот натпревар во втората фаза во дуелот со Шпанија, за којашто настапуваат за македонската јавност добро познати играчи, актуелниот и поранешниот член на европскиот шампион Вардар, Жоан Канељас и Алекс Душебаев.

Македонија во Групата 2 влезе со три бода, најмногу од сите репрезентации, а Шпанците пренесоа бод помалку.

Во меѓувреме две средби, во петокот, ја отворија оваа фаза во групата во Вараждин, Германија ја победи Чешка 22:19, а Данска ја совлада Словенија 31:28.

„Шпанија е една од топ шест репрезентации во светот. Мислам дека имаме шанси да направиме позитивен резултат, ќе биде психолошки тежок натпревар, но ќе направиме се да се фокусираме да пружиме еден добар натпревар и имаме големи шанси да направиме позитивен резултат“, изјави по вчерашниот тренинг капитенот Кирил Лазаров.

На спротивната страна еден од најзаслужните за европската титула на Вардар во минатата сезона, Алекс Душебаев, смета дека неговиот сонародник Раул Гонзалес бил алката која во минатото ѝ недостигала на Македонија да направи посериозни резултати.

„Македонските репрезентативци имаат неверојатна доверба во него, а тој им возвраќа со досегашните резултати. Раул е елементот кој ми се чини дека во минатото понекогаш ѝ недостигаше на македонската репрезентација и сега таа е многу поопасен противник“, рече Душеваев.

Натпреварот со Шпанија ќе го судат Белорусите Андреј Гуско и Серхеј Репкин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.