Македонија ја продлабочува соработката во областа на спортот и младите со државата Катар

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески во рамките на работната посета на државата Катар, денеска оствари средба со неговиот колега, катарскиот министер за млади и спорт Салах Бин Ганим Ал Али и договори соработка во областа на младите и спортот и потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете држави.

На средбата е изразено заемно задоволство од понатамошен успешен развој на односите и соработката меѓу двете држави особено во делот на спортот и спортската инфраструктура.

Спасески на средбата истакна дека билатералната соработка и унапредување на пријателството со државата Катар е еден од клучните приоритети на Република Македонија. Впрочем, како што истакна Спасески, во таа насока е и определбата за потпишувањето на Меморандумот за разбирање, согласно кој ќе се овозможат услови за македонските спортисти да ги користат капацитетите на државата Катар за аклиматизација и успешни подготовки за престојни меѓународни натпревари и подготовки за учество на Олимписки и Параолимписки игри, а ќе се создадат и одлични предиспозиици за обезбедување и на донации во Македонскиот спорт.

-“Билатералната соработка со државата Катар ќе овозможи и размена на спортска експертиза поврзана со повеќе процеси кои се дел од спортот, односно размена на тренери и останат спортски персонал, обуки по разни основи, размена на спортисти заради обезбедување соодветен спаринг во пресрет на настапи во рамки на некои позначајни меѓународни натпревари во индивидуалните спортови, како и договарање пријателски мечеви во екипните спортови” – потенцираше Спасески, кој на својот катарски колега му честиташе за одличната организација на Светското ракометно првенство и му подари национален дрес на ракометната репрезентација на Македонија.

Катарскиот министер Салах Бин Ганим Ал Али се заблагодари на посетата и изрази задоволство за договорената идна соработка со Република Македонија, која како што рече, има успешна спортска историја и одлични предуслови за врвен спортски развој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.