Македонија ќе биде домаќин на Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа

По отворањето на седиштето на Штабот на Балканските медицински наменски сили во Скопје пред две недели, ова е второ регионално седиште на штаб во Македонија и е доказ за лидерството на Македонија во регионалната соработка во областа на одбраната. Во овој штаб ќе работат офицери од Турција, Грција, Бугарија, Романија, Албанија и Македонија.

На состанокот, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски се заблагодари за дадената доверба да бидеме домаќини на Главниот штаб на бригадата. Тој додаде дека современите процеси во меѓународните односи побаруваат поблиска соработка помеѓу интерните и екстерните безбедносни фактори.

„Мирот, безбедноста и просперитетот се многу поповрзани сега, отколку во минатото“, рече министерот, посочувајќи дека асиметричните закани влијаат на безбедносната средина на глобално и регионално ниво.

Министерот Јолевски додаде дека Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) е силен регионален капацитет кој поседува голем потенцијал да придонесува во меѓународни мировни мисии.

„Македонија ги поддржува напорите за придонес кон операциите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации“, додаде министерот.

На состанокот на СЕДМ (состанок на министрите за одбрана од Југоисточна Европа) присуствуваат над 20 претставници на земјите членки, меѓу кои и министрите за одбрана на Италија, Турција, Романија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и други. Процесот на соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа (СЕДМ – South East Defense Ministerial) за прв пат беше инициран во 1996 година, а неговата цел е јакнење на воено-политичката соработка во регионот и подобрување на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа.