Македонија ќе брка шест негатива против Чешка

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20 часот го игра реванш дуелот со Чешка од баражот за пласман на Светското првенство во Франција 2017.

По првиот дуел противникот има шест голови предност (22:28) и нашите ракометари ќе имаат тешка задача доколку сакаат да изборат пласман на СП.

Мораме да ја забрзаме играта пред се во транзицијата напад – одбрана, да не примаме лесни голови и да ја подобриме одбраната. Можеби ќе треба да се „збиеме“ во средината на одбраната и да оставиме место за нивните крила и голманите да решаваат, изјави Филип Миркуловски, кој потврди дека ова за него е последен натпревар во репрезентативниот дрес.

Дека ќе биде тешко на вечерашниот дуел потврди и селекторот Лино Червар.

Мораме во одбраната да одиграме по борбено, цврсто за секоја топка. Не смееме да дозволиме лесни голови на противникот, само така можеме да се надеваме на пласман во Франција, истакна Червар.

Натпреварот Македонија – Чешка се игра во СЦ „Борис Трајковски“.

Селекторот Червар најави една промена во однос на дуелот од Злин и на местото на голманот Никола Митревски ќе биде неговиот колега Златко Даскаловски.

На другите бараж дуели двојките се:

Босна и Херцеговина – Шведска (19:27 прв натпревар),

Холандија – Полска (21:27),

Црна Гора – Русија (22:29),

Унгарија – Србија (26:25),

Португалија – Исланд (23:26),

Норвешка – Словенија (18:24),

Летонија – Белорусија (24:26) и

Австрија – Данска (27:35).