Македонија ќе го менува правилникот, Србија ќе даде брашно

Македонија и Србија го надминаа спорот за увозот на српското брашно во Македонија, по состанокот меѓу  министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и српскиот министер за трговија Расим Љајиќ.

Двајцата министри денеска во Скопје договорија брашното паковано во пакети од  1, 2 и 5 килограми контролните маркички ќе се лепат  во Србија, а на паковањата од 25 и 50 килограми во Македонија.

– Ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми меѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата. Македонија и Србија ќе формираат комитет за натамошна соработка и за надминување на сите отворени прашања- изјави Николовски по работниот состанок.

Македонскиот Правилник за увоз на брашно, согласно договореното, ќе биде сменет уште денеска.

Љајиќ изрази очекување дека за еден месец Србија и Македонија на системски начин ќе го
решат овој проблем.

– Недвосмислено покажавме политичка подготвеност за отстранување на сите царински
бариери, бидејќи целта на двете земји е трговската размена од сегашните
760 милиони евра годинава да достигне милијарда евра, а тоа е можно сако ако се
елиминираат пречеките- рече Љајиќ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.