Македонија ќе спроведе целосна вакцинација против „јазлеста кожа“

Како што соопштија  заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, засега се регистрирани 34 жаришта на „јазлеста кожа“ во 14 општини, главно од источна Македонија. Заболени се 39 животни, а 524 се потенцијално афектирани, односно биле во контакт со заболените, поради што ќе бидат нештетно усмртени и отстранети.

Костадиновски и Поповски на средба со новинарите уште еднаш нагласија дека болеста „јазлеста кожа“ не е опасна за луѓето, ниту месото и млекото од болните животни се штетни и можат на каков било начин да влијаат врз здравјето на граѓаните.

– Забраната за предавање на млекото од болните животни во млекарници надвор од жариштата, е воведена единствено за да се спречи евентуалното ширење на болеста и намалување на економските штети, а не и затоа што „јазлестата кожа“ е опасна за луѓето, подвлече заменик-министерот.

И тој и директорот Поповски се децидни дека надлежните институции навреме реагирале во однос на појавата на болеста, а вакцинацијата, како што истакнаа, воопшто не е задоцнета.

– Вакцините беа нарачани веднаш откако добивме информација дека „јазлеста кожа“ има во соседните држави, Грција и Турција. Успеавме да ја добиеме целата доза потребна за покривање на сиот фонд крупен добиток за разлика од другите држави. Тоа потврдува дека сме реагирале навреме. Вакцинирањето, пак, не смее да се спроведува пред утврдување на болеста во одреден број жаришта, рече Поповски.

Тој објасни дека вакцината е практично жив, но ослабен вирус, и ако се аплицира без претходно утврдување на болеста, може да доведе до заболување кај животните, односно внесување, интродуцирање на тој вирус кај нив. – Ова би било случај особено доколку имунитетот на некое од грлата е послаб. На тој начин, сами ќе си внесеме болест дома, посочи Поповски.

Според него, вакцините кои ги произведува само една компанија во светот, треба да пристигнат до крајот на месецот. Претходно, АХВ, Министерството и ветеринарните служби ќе направат акциски план и ќе ги прецизираат деталите околу вакцинацијата.

– Вакцинацијата ќе биде апсолутен приоритет и со сите свои капацитети ќе гледаме да ја завршиме во најкраток можен рок. Сепак, секојдневните редовни контроли на добитокот продолжуваат и непечено се одвиваат, потенцира претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски.

Болеста „јазлеста кожа“ е типична за африканскиот континент и досега се сметаше за егзотична, но од минатата година, со поместување на некои температурни граници, поволни за инсектите преносители (муви, мушички, комарци,…), преку Блискиот Исток се прошири во Турција, а од таму во Грција и Бугарија. Овие две земји засега бројат по околу 7.000 афектирани грла.

Во Македонија „јазлеста кожа“ се појави на 18 април годинава и беше потврдена по четири дена, на 22 април. Покрај вакцинацијата, се преземаат сите неопходни мерки за спречување на ширење на болеста. Сточарите, како што информира заменик-министерот Костадиновски, се задолжени за одржување максимална хигиена на одгледувалиштата, додека општините треба да извршат прскање против инсектите, потенцијални преносители. Притоа, целата расположлива механизација на јавните претпријатија и на Министерството за транспорт е ставена на располагање.

По усмртувањето и нештетното отстранување на заболениот добиток, сточарите ќе бидат обесштетени.

На средбата со новинарите присуствуваа и заменик-директорот на АХВ Абдулезел Догани, како и професори од Факултетот за ветеринарна медицина.