Македонија ќе добие 40 акредитирани лаборатории

Четириесетина лаборатории до средината на годинава треба да добијат акредитации за вршење на разни испитувања од најразлични економски области.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, вели дека во Институтот за акредитацијата веќе е почната постапката за акредитација на 32 лаборатории, а три веќе се акредитирани. Лабораториите се дел од владиниот проект „Опремување лаборатории за научно-истражувачка и апликативна дејност“.

„Се работи за лаборатории кои би давале услуги на компании од областа на градежништвото, металургијата, нафтената индустрија, екологијата, медицината, фармацијата, биохемијата, електрониката, текстилната индустрија, енергетиката, минералните суровини и други дејности. Согласно планот, сите овие лаборатории треба да бидат акредитирани и ставени во функција на бизнис заедницата и стопанството кои имаат потреба од нив најдоцна до крајот на оваа година, при што согласно динамичкиот план, некои од овие лаборатории ќе бидат акредитирани веќе кон крајот на вториот квартал од 2014 година што значи дека веќе кон крајот на вториот квартал од годината некои од овие лаборатории ќе може да бидат употребувани од страна на компаниите за нивни потреби“, вели Ѓорѓиев.

Од акредитирањето на лаборатории најголема придобивка ќе имаат компании на кои им се потребни одредени сертификати за пласирање на своите производи и услуги. Ако досега компаниите за испитувања во странство плаќаа по неколку стотици евра, плаќаа транспорт и губеа време сега истата услуга ќе може да ја добијат за многу пониска цена и за пократок период.

„Согласно анализите, испитувањата кои ќе се вршат во домашните лаборатории ќе бидат од 2 до 4 пати поевтини во однос на испитувањата кои се прават во странство. На пример, Лабораторијата за обликување со деформација и брзи прототипови инсталирана на Машински факултет за услугата за испитување на механичките карактеристики на лимени материјали има цена од околу 15 000 денари или околу 230 евра, а истата услуга во западноевропските земји чини 450 евра плус трошоци за транспорт. Или пак, истата лабораторија, нуди услуга – испитување на алати по цена од 1500 денари, односно околу 25 евра, а истата услуга во западно европските земји чини 100 евра дневно плус трошоци за транспорт и царина на алатот“, истакна Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев истакнува дека со овој проект за комерцијализација на лабораториите се дава значителна поддршка на бизнисот, но се унапредува и имиџот на земјата, а се даваат можности и за развој на иновациите, претприемништвото и технолошкиот развој.