Македонија

Македонија ќе добие 664 милиони евра oд ИПА-2 програмата

Македонија ќе добие 664 милиони евра oд ИПА-2 програмата

Република Македонија ќе добие вкупно 664,2 милиони евра до 2020 година од Европската унија (ЕУ) во рамки на Инструментот за предпристапна помош (ИПА-2), пренесува МИА.

Како што денеска објави еврокомесарот за проширување Штефан Филе, Европската унија ќе ги поддржи напорите за реформи на Западниот Балкан и во Турција во следните седум години, предвидени се вкупно 11 милијарди евра преку ИПА-2 програмата за земјите-кандидати и потенцијални кандидати, од кои речиси 665 милиони евра за македонската држава.

Според проекциите на Европската комисија, за Македонија оваа година се достапни 85,7 милиони евра од ИПА-2. За идната година, нашата земја има на располагање 88,9 милиони, за 2016 – 91,6 милиони, 2017 – 94,9 милиони евра и во периодот од 2018 до 2020 година – 303,1 милиони евра.

Како што денеска објавија од ЕК, ова обезбедува индикативна поделба од финансирањето меѓу земјите и ги дефинира политичките приоритети што ќе треба да се финансираат. Според денешното соопштение на ЕК, властите од засегнатите земји биле инволвирани во идентификувањето на клучните области што најмногу би искористиле од оваа помош. Притоа, Европскиот парламент, земјите-членки на ЕУ, како и организациите од граѓанското општество, меѓународните организации и финансиските институции, исто така биле консултирани.

– Оваа обновена помош е многу добра вест за регионот за проширување. Тоа ќе помогне во поддршката на овие земји со европска перспектива да ги имплементираат реформите  што ќе имаат директно влијание на граѓаните и ќе им помогнат да напредуваат на патот кон Европската унија и да изградат мостови со своите соседи, истакнал комесарот за проширување и соседска политика, Штефан Филе.

Оваа финансиска помош ги таргетира стратешките приоритети за земјите што сакаат да се приклучат на Унијата, како и на засилување на регионалната и територијална соработка и инвестиции. Клучните области вклучуваат владеење и реформи на јавната админситрација, владеење на правото и основните права, како и поддршка на економскиот раст и конкурентноста.

Финансиската помош во овие области ќе биде ориентирана кон поддршка на реформите од државниот сектор што имаат за цел специфични резултати. Со цел да се обезбеди континуитет со претходниот Инструмент за предпристапна помош (ИПА), новиот инструмент ИПА-2 ќе функционира под поедноставени правила за да го олесни пристапот до финансирањето на корисниците и да овозможи да биде повеќе ориентиран кон исполнување на резултати, флексибилен и прилагоден кон специфичните потреби.

Според ЕК, се работи за добро дефиниран сет на индикатори и цели што ќе овозможи точно следење и евалуација на програмите. Оваа програма предвидува награда на ефикасноста од извршувањето на програмата во 2017 и 2020 година.

– Ова е добра вест за проширување и не е дел од престојните прогрес-извештаи, во рамки на подготвките за нивно идно членство во Европската унија. За следните седум години, до 2020 година, ЕК одобри 11 милијарди евра за земјите што се во процес на проширување. Специфичната алокација за земјите, сумата која секоја од нив ќе ја добие и начинот на кој ќе се користат парите, односно ИПА-2 е таргет на стратешките приоритети на секоја земја и за регионална и територијална соработка со фокус на секторските реформи. Целта е да се биде повеќе ориентиран кон резултати за специфичните потреби на секоја земја и затоа приоритетите во клучните области се координирани со властите во секоја од земјите, појаснил портпаролот на Филе, Петер Стано.

Според гласноговрникот на Еврокомисијата, во новата програма за Предпристапна помош не се определени средства за Исланд од очигледни причини оти оваа земја го запре своето пристапување кон Унијата.

Од другите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, предвидено е Албанија да добие вкупно 649,5 милиони евра до 2020 година, Косово – 645,5 милиони евра, Црна Гора – 270,5 милиони евра, Србија – 1,5 милијарди евра и Турција – 4,45 милијарди евра. За сите овие земји, вклучително и Македонија, предвидени се и уште 2,95 милијарди евра за нивни активности во области како информации и комуникации, ревизија и мониторирање и евалуација. Во овие средства влегуваат и трошоците за Високиот претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, како и се уште неалоцираните средства на Унијата за оваа поранешна југословенска република, што ќе биде сторено до крјаот на годинава.