Македонија ќе изготвува стандарди за управувањето со човечки ресурси

Разбирањето на човечките ресурси како најзначаен двигател и фактор на успехот на секоја организација бара еден посериозен пристап со нивното управување. Само со соодветен третман на човечките ресурси може да се остварат оперативните и стратешките цели на институциите и компаниите и воедно да се подобри квалитетот на работниот живот на работникот.

Ова беше констатирано на денешната работилница за управување на човечки ресурси во областа на стандардизацијата, организирана од TAIEX и Институтот за стандардизација на Република Македонија.

Директорот на Институтот за стандардизација на Република Македонија Љупчо Давчев рече дека целта на работилницата е за полесно разбирање на тековната состојба во полето на менаџмент со човечки ресурси, стандарди, како и да се дадат сугестии и насоки за понатамошен развој на човечки ресурси во полето на стандардизација во Македонија

– Институтот за стандардизација ги заштитува македонските национални интереси во било која индустрија и интересите што се од национално значење на државата. Имаме голем број технички комитети од различни области, скоро целата индустрија е опфатена во Институтот за стандардизација и за сите тие индустриски гранки има стандарди на европско и меѓународно ниво. Еден од овие технички комитет е и овој денешниот за човечки ресурси, за кој на европско и меѓународно ниво нема национални стандарди што се заеднички за сите. Скоро секоја земја има свои стандарди, изјави Давчев.

Стандардот за човковите ресурси, појасни директорот на Институтот, се донесува со консезус од работна група, експерти од таа област.

– Со изработка на овие стандарди, една од идеите е да се вметнат во некакви подзаконски и законски акти. До сега тие се парцијално распределени. Надлежностите на човечки ресурси, изборот на луѓето кои ќе бидат вработени и квалификациите ќе бидат вметнати во новите стандарди, истакна Давчев.

Денеска имаме три такви искуства, додаде Давчев. Тоа се австриските, словенечките и полските стандарди.

-Врз основа на сите три искуства кои денеска ќе бидат пренесени на работилницата и врз основа на други меѓународни практики ќе направиме македонски стандарди и со тоа ќе бидеме во тек со она што допрва следува во таа област на човечки ресурси што може да биде една од поважните работи при изградба на кариера, на личност како и за самите фирми, појасни Давчев.

Во Македонија до сега се применети 26 илјади стандарди од кои 6 се македонски. Голем дел од тие стандарди се сертификациони како: ISO 9.001, 14.001, 16.949….Дел од македонските стандарди се биоразградливите кеси, потоа определување на белковини во тутунот и др.