Македонија ќе извезува јагнешко во Кина

Македонија договори извоз на јагнешко месо во Кина, како и проширување на пласманот на млечни производи, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.

Договорот следеше по посетата на висока кинеска делегација која се запозна со системот за безбедност на храна од животинско потекло во Република Македонија. Опфатени беа официјалните контроли што ги врши АХВ, здравствената заштита на животните, спроведувањето на законските прописи од областа на безбедноста на храната, мониторинг плановите, лабораториските капацитети, но и операторите со храна.

Делегацијата од Кина предводена од заменик-генералниот директор на Секторот за регистрација при Институтот за сертификација и акредитација, изминатите четири дена посети повеќе објекти и оператори со храна – лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина, еден објект за производство, обработка и манипулација со производи од млеко, две кланици одобрени за колење јагниња, еден објект за производство, обработка и манипулација со производи од месо, еден објект за производство на храна за животни, фарма за одгледување на овци и еден објект за производство на вино.

Во состав на делегацијата беа и заменик-директорот на Секторот за надзор на храна при Бирото за гранична инспекција и карантин, како и генералниот директор на Институтот за инспекција и карантин.

– По извршената инспекција и теренските активности, констатирано е дека системот за контрола на безбедноста на храната во Република Македонија е на многу високо ниво, како во делот на административните процедури, така и од аспект на градежно, техничко и технолошка подготвеност или поставеност на операторите со храна во целост. Достигнати се високи стандарди во делот на безбедноста на храната, кои даваат соодветна гаранција за безбедни и квалитетни производи, информира АХВ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.