Македонија ќе ја нападне Летонија од сите страни

Да се надеваме дека само по добро, Бошко Ѓуровски, ќе го памети своето деби во селекторското столче и дека неговите избраници ќе одиграат како што тој посакува на денешниот пријателски натпревар против селекцијата на Летонија.
Освен по официјалното деби на новиот селектор, пријателскиот натпревар на националната арена “Филип Втори” ќе биде запаметен и како првиот кој е одигран откако крај на репрезентативната кариера кажа напаѓачот на италијанскиот калчолигаш Наполи, Горан Пандев.

“Не е важно како ќе игра Летонија, во која формација, важно е само како ние ќе одиграме, најважно е ние да го наметнеме нашиот стил на игра. Сакам со победа, сакам во позитивна атмосфера да го започнеме новиот циклус, да ги започнеме подготовките за престојниот квалификациски циклус за ЕП 2016. Имам една или две дилеми кога е во прашање почетниот состав, но знам дека сите фудбалери се подготвени за игра, дека се доболно мотивирани и дека ќе дадат се од себе”, изјави новиот селектот на фудбалската репрезентација на Македонија.

Пријателскиот натпревар ќе стартува во 19:00 часот, а најголема одговорност кога е во прашање нападот ќе имаат според Ѓуровски, новите лидери на националиот тим, интернационалците од Белгија и Италија, Иван Тричковски и Агим Ибраими.

“Искрено, многу сум среќен поради нивните погодоци во последните првенствени натпревари. Станува збор за одлични личности, за комплетни фудбалери. Го имаат се тоа што е потребно за да бидат лидери на националиот тим”, изјави Ѓуровски.