Македонија ќе развива здравствен туризам

Македонија до 2017 година ќе добие слободна здравствена зона, во која со странски инвестиции ќе се градат болници, каде што ќе се применуваат методи кои досега не се практикувале во земјава. Целта е да се создаде еден вид здравствен туризам, односно пациенти од странство да се леуваат во болниците во зоната. За да не се создаде нелојална конкуренција на приватните болници кои веќе егзистираат во земјава, во првите десет години во зоната нема да можат да се лекуваат македонски граѓани. Исклучок ќе бидат пациентите кои ќе имаат потреба да се лекуваат во странство, бидејќи болниците во зоната кои ќе мораат да промовираат современи методи кои не се извршуваат во македонското здравство.

Странските инвеститори, при изградбата и работењето на болниците ќе имаат одредени даночни ослободувања. А, кои граѓани ќе може да се лекуваат во овие болници, ќе зависи од договорот што секоја болница поединечно ќе го потпишува со фондот на одредена држава.

Македонската Влада може да учествува во трошоците за изградба на болниците во висина најмногу до 500.000 евра, во зависност од висината на инвестиционите вложувања на корисникот и бројот на предвидените нови вработувања.

„Во однос на бенефитите кои се овозможуваат за корисниците на зоната, сакам да ја истакнам државната помош, која се доделува во облик на регионална помош и изнесува најмногу до 50 отсто од оправданите инвестициски трошоци или од трошоците за плата за новоотворени работни места за период од две години. Исто така, за корисниците на слободната здравствена зона предвидуваме значајни даночни и царински ослободувања, од плаќање данок на додадена вредност и царински давачки, при увоз на медицинска опрема, лекови, медицински потрошен материјал и медицински помагала, при увоз на добрата наменети за изградба на градежен објект, електрична енергија, возила на итна медицинска помош и специјално опремени возила“, истакна министерот за здравство, Никола Тодоров.

Најмалку 30 отсто од лекарите што ќе работат во зоната ќе бидат странци, специјализанти со најмалку пет годишно работно искуство, а останатите места ќе се пополнуваат со домашен кадар.

Предлог-законот за формирање на слободна здравствена зона, предвидува  и можност за формирање на високо образовна установа, на која ќе предаваат врвни професори, кои барем половина од нив предавале на еден од 100-те највисоко рангирани факултети на Шангај, а според програма на првите 10 најдобри универзитети на Шангај.

Предлог законот е веќе поставен на веб-страницата на Министерството за здравство и во следниот период се очекуваат предлози и забелешки од пошироката и стручна јавност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.